Вардар може да спаси и половина милион евра за данок


По најавената финансиска инјекција од Владата, ситуацијата во Вардар се стабилизира, најавени се спонзорства од државни и од приватни фирми, а на сметката ќе легнат и парите од Европската ракометна федерација за освоеното прво место во Лигата на шампионите. Словенечкиот репрезентативец, Сташ Скубе признава дека газдата Сергеј Самсоненко им исплатил дел од долговите уште пред завршниот турнир во Келн, при што најавил дека сигурно ќе остане во клубот, така што се чини е извесно дека македонската спортска гордост ќе продолжи да ги радува граѓаните ширум земјата.
Шпекулациите за неизвесната иднина на клубот, кој во последните три години двапати стана европски шампион, уште еднаш го отвори прашањето за системскиот начин на финансирање на спортот. Наградите од неколку стотици илјади евра за врвен успех е гаснење на пожарот, но не и планско решавање на проблемот. Клубовите, иако се во приватна сопственост, насушно имаат потреба од државна помош, особено во средини со слаба економска моќ. Особено е тоа изразено во ракометот, каде што за разлика од фудбалот, ниту европската титула не гарантира богати спонзори и награди од матичната федерација, па затоа се случуваат приказни како Кометал Ѓорче Петров, Хамбургер, Портланд Сан Антонио…
Сепак, ниту давањето парична помош за клубовите не е едноставна работа, затоа што државата ниту има пари сите да ги спонзорира ниту, пак, тоа е целта во демократско и капиталистичко општество, каде што секој субјект се наоѓа на пазарот и опстојува доколку е исплатлив и интересен за купувачите. И пак сега се вртиме во круг бидејќи, ако некој како Вардар успее да ја мобилизира земјата и да ги израдува граѓаните, заслужува државата да го помогне.
Даниел Димевски, кој му е советник за спорт на премиерот Зоран Заев, потсетува дека Владата годинава почна да работи на стратегијата за финансирање на спортот преку Законот за даночно олеснување или „спортски ваучери“. Преку нив се настојува да се стимулираат стопанските субјекти да го пронајдат сопствениот интерес за инвестирање во спортот.


„Токму минатата недела Агенцијата за млади и спорт ги додели ваучерите за националните спортски федерации, па така ракометната доби околу 250.000 евра, кошаркарската околу 200.000 евра, а одбојкарската околу 160.000 евра. Тоа е само еден од инструментите за финансирање, но подготвивме цел систем и стратегија. За тоа е задолжена Агенцијата за млади и спорт и во тоа не влегуваат само професионалните клубови туку и младинските, тренерите, а клубовите ќе добиваат помош според пласманот во лигите и по федерациите. Третата мерка е стипендирање на младите и надежни спортисти и тоа не само во индивидуалните спортови туку и во екипните. Обезбедени се шест милиони евра годишно, а бројката ќе расте до 10 милиони евра“, нагласува Димевски.
Главната бенефиција на фирмите што ќе се одлучат да инвестираат во спортските клубови или федерации е што ќе можат да искористат даночни олеснувања до 50 отсто од средствата што треба да ги платат во Управата за јавни приходи врз основа на данок на добивка. Со новите измени на Законот за данокот на добивка, финансиските донации за спортските федерации, Македонскиот олимписки комитет и спортските клубови се ослободени од данок.
„Вардар и европската титула што ја донесоа во Скопје се третираат како врвен спорт, па ќе можат да искористат и други бенефиции. Веќе за идната година околу 500.000 евра место за данок, можат да се искористат како субвенции, односно како спонзорства од потенцијални инвеститори. Вардар е приватен клуб, ама е исклучително значаен за промоцијата на државата и благодарејќи на успесите добива и сериозна поддршка. Но државата не може да го финансира, односно да биде главен спонзор бидејќи така работите не функционираат никаде. Затоа, се трудиме големите компании, каде што државата има златна акција, да помогнат, иако клучната согласност треба да ја дадат странските сопственици. Да заклучам, државата ќе застане зад клубовите, но главниот збор мора да го има приватниот капитал. Наша задача е да им обезбедиме поволни услови, а тие да најдат интерес“, нагласува Димевски.


Беспарица и мака да се истера крајот на месецот, првенството, сезоната… е општиот впечаток за секојдневието на македонските клубови без оглед дали се натпреваруваат во фудбал, кошарка, ракомет или одбојка.
„Од општините и од државата не добиваме ништо или нешто сосема малку за одржување на стадионот или спортската сала каде што настапуваме. Трошоците не се само за плати на играчите и тренерите туку тука имате и придружен персонал, струја, вода, греење, превоз за натпревари, хигиена… Ние, за разлика од развиениот свет, немаме никаков прилив на средства од платени телевизиски преноси или купени билети, дресови и клупски сувенири. Единствената надеж е доколку во клубот дојде приватен инвеститор, но и тој не сака да фрла пари бадијала, туку сака поврат на тоа што го вложил. Во фудбалот е малку полесно, затоа што клубовите можат да ги продадат најдобрите играчи во странство и да свртат некоја пара, а подобрите клубови што настапуваат во европските купови добиваат и пари од УЕФА. Но во ракометот и во кошарката нема толку пари“, нагласуваат спортските работници што ги контактиравме.

Горан Адамовски