Се бара Сотир Лукровски
Жителите на Карпош, а и скопјани, се прашуваат што стана со градоначалникот на општината Сотир Лукровски. Него никаде го нема, како да исчезнал од земјава, иако е пријавено дека е на боледување.
Денеска пак реагираа партиите што се претставени во општинскиот Совет.
„Општината е оставена без градоначалник, а последиците од неодговорноста и погрешните кадровски решенија на ВМРО ги трпат граѓаните.
Од Лукровски и додека формално ја извршуваше функцијата, граѓаните не гледаа резултати од неговото работење. Единствената разлика денес е што никој не знае каде е.
Затоа карпошани со право прашуваат каде е градоначалникот на Карпош? До кога трае неговото боледување? Кој ја води Општината во негово отсуство?
Дали е точно дека е поднесена оставка? И ако е така, зошто граѓаните не се официјално информирани?“, изјави Панче милевски претседател на ОО на СДСМ во Карпош. И додаде:
„Ова е циркус. Додека народот се соочува со секојдневни реални проблеми, Мицкоски се занимава со отворање базени.
Уште пострашно е што ВМРО и Мицкоски, кои се удираа в гради за Лукровски, сега се однесуваат како ништо да не се случува.
Дополнително, се отвора прашањето дали вработените во Општина Карпош треба да стравуваат за своите плати, дали финансиската состојба е стабилна и дали ќе има нов ребаланс на буџетот кој дополнително ќе ги чини граѓаните.
Време е граѓаните повторно да го кажат својот збор на предвремени локални избори во Карпош“.