Луксузното одморалиште на Кушнер и Иванка Трамп дочекано со протести во Албанија


Проектот за луксузно одморалиште финансиран од Џаред Кушнер и Иванка Трамп предизвика контроверзии на јужниот брег на Албанија откако започна изградбата во близина на заштитената лагуна Нарта. Жителите и еколошките активисти протестираа против изградбата, судирајќи се со приватните обезбедувачи. Еден демонстрант беше одвлечен од чуварите, додека полицијата, и покрај големото присуство, не интервенираше.

Демонстрантите бараат запирање на изградбата, транспарентност во врска со дозволите и влијанијата врз животната средина и крај на она што го опишуваат како „национално предавство“ – приватизацијата на јавното албанско земјиште за развој на луксузни објекти на странци.Видеоснимките објавени на социјалните мрежи покажуваат турканици и физички пресметки меѓу демонстрантите и обезбедувањето.

Проектот го развива компанијата „Афинити партнерс“, која претходно беше поврзу вана и со најавите за изградба на Трамп кула во Белград. Компанијата купила земјиште на островот Сазан, најголемиот остров во Албанија. Планот е поранешната советска воена база да биде претворена во луксузен туристички комплекс вреден околу 1,4 милијарди евра.

Албанските власти го поддржаа проектот и покрај критиките од еколошките организации и дел од локалното население.

„Лајме јаворе“ претходно напиша дека рокот за изведба бил продолжен до крајот на 2026 година поради тензиите. Премиерот на Албанија Еди Рама изјави дека островот Сазан никогаш не бил заштитетно подрачје освен за војниците во времето на Енвер Хоџа. Но, објектите треба да се градат во близина на заливот Нарта, подрачје познато по ретките растителни и животински видови, што ги разгневило  активистите кои протестираа против почетокот на изградбата.

 

И покрај протестите, албанските власти немаат намера да го стопираат проектот. Според проценките на владата во Тирана, изградбата ќе продолжи според планот, а луксузното одморалиште треба да биде завршено во 2028 година.

На социјалните мрежи има тврдења дека земјиштето му припаѓа на албанското семејство Кономи, кое управувало со него со генерации, но дека албанската влада го игнорирала барањето за враќање на имотот. Исто така се тврди дека  41 еколошка организација од 28 земји протестирале поради градбата и дека областа е заштитена зона на ЕУ – дом на медитеранската фока монах, 70 загрозени видови, 200 видови птици.

„Албанија сака да се приклучи на ЕУ, а Кушнер да гради на заштитено земјиште. Вооружени лица во име на олигарсите ги претепаа поддржувачите на законските сопственици на земјиште – кои го бранат својот заштитен брег од грабнувањето со луксузните одморалишта на Трамп и Кушнер.Ова се случува во Европа. Во земја што пристапува кон ЕУ“, стои во коментарот.