За 50 милиони евра ќе се гради агроцентар во Гази Баба кај обиколницата
Општина Гази Баба активно учествува во реализацијата на еден од најзначајните агроинфраструктурни проекти во поновата македонска историја – современ агроцентар кој ќе претставува нов двигател на развојот на македонското земјоделство.
Во економската зона во Гази Баба, долж скопската обиколница помеѓу клучките Хиподром и Сингелиќ, наскоро ќе започне реализацијата на проект вреден над 50 милиони евра.
Станува збор за современа агрофуд платформа која ќе биде централен логистички пункт за земјоделците од целата држава – место каде домашното производство конечно ќе добие организиран, стабилен и сигурен пласман.
Новиот агроцентар ќе располага со современи магацински капацитети, ладилници со најсовремена технологија, линии за сортирање и пакување, модерен дистрибутивен центар, инфраструктура за товарни возила, напредни логистички и транспортни системи.
Овој проект не претставува само инвестиција во инфраструктура – туку инвестиција во иднината на македонскиот земјоделец.
Со реализацијата на агроцентарот се очекува: подобра организација на пазарот, намалување на загубите, поконкурентни македонски производи, олеснет извоз, побрза и поефикасна дистрибуција низ државата и регионот.