Волонтери од САД градат детско игралиште во дворот на ООУ „Гоце Делчев“
Училишниот двор на ООУ „Гоце Делчев“ во општина Аеродром ќе добие ново детско игралиште, сподели денеска градоначалникот Дејан Митески.
„Со особена радост сакам да споделам дека во училишниот двор на ООУ „Гоце Делчев“ се гради ново детско забавно игралиште – место каде што детската смеа, играта и безгрижното детство ќе добијат уште поубав дом. Она што е особено интересно и вредно за почит е што игралиштето го градат волонтери, ученици од САД и ученици од ООУ „Гоце Делчев“, кои преку заедничка работа, дружење и хуманост испраќаат прекрасна порака за пријателство, солидарност и грижа за децата“, истакна Митески.
Тој посочи дека проектот се реализира со донација од компанијата LinkAcross од Вирџинија, САД, застапувана од Клеј Рендл Бутемер и со поддршка од советот на родители при ООУ „Гоце Делчев“, и притоа упати искрена благодарност до сите што покажале грижа и поддршка за најмладите.
„Исто така, во рамките на проектот „Насилство, злоупотреба и запуштање на ученици со и без попреченост“, поддржан од МОН, училиштето аплицираше и доби грант од 60.000 денари, како единствено училиште од Општина Аеродром. Со овие средства се набавуваат четири сета маси со клупи за училишните дворови – два за централното и два за подрачното училиште, а обновен е и книжниот фонд во училишната библиотека со 60 нови лектири. Верувам дека секое дете заслужува безбедно, среќно и инспиративно место за растење, игра и дружење. Токму затоа продолжуваме да инвестираме во подобри услови за нашите ученици, затоа што вложувањето во децата е вложување во иднината на Аеродром“, нагласи градоначалникот.