Бурни реакции на сточарите – АХВ да ги открие млекарниците што ставеле „хемија“ во сирењето
Сточарите барат АХВ јавно да ги обелодени сите прекршители и да им ги одземе правата да произведуваат млечни производи, а не да ги казнува со смешни казни од по неколку илјади евра
Бурни реакции кај сточарите предизвика веста на Агенцијата за храна и ветеринарство дека кај десет млекарници се утврдени неправилности во однос на квалитетот и означувањето на млечните производи што се продаваат во маркетите. Сточарите уште пред три месеци кога министерот Цветан Трипуновски беше во Битола му кажаа дека наместо млеко граѓаните пијат „хемија“. Сега заради сериозноста на проблемот особено со ставањето на палмино масло во млечните производи сточарите барат АХВ јавно да ги обелодени сите млекарници и да им ги одземе правата да произведуваат млечни производи, а не како што велат да ги казнува со смешни казни од по неколку илјади евра.
Сточарот Борче Бучински од село Могила вели дека сточарите треба да се заштитат, да не се уништуваат, да им се исплатат субвенциите по грло за 2025 година, да им се доисплати премијата за млекото од јуни досега и министерот Цветан Трупуновски да си даде оставка за овој скандал кој удира врз здравјето на граѓаните.
„Пред два и повеќе месеци пред медиумите и на средбата со министерот кажавме дека во млечните производи, сирења, кашкавали, јогурти, сѐ има освен млеко што го нема. Сѐ е палмино масло. Но, никој не поверува. Сега откриле дека во млечните производи има 1 процент млечна маст. Зошто лажете, зошто го труете народот дури и ние сточарите јадиме од тоа иако прозведуваме чисто млеко. Зошто молчите кога сите јадете од тоа млеко. Кај нас цената на млекото паѓа, цените во маркетите растат. А се продава млеко со ѓубриња. За жал сите го конзумираме. Срам за државата. Да ни се исплатат субвенциите, да се стабилизира цената на суровото млеко и оставка од министерот“, повикува сточарот Бучински.

Од Здружението на сточари „Пелагонско поле“ велат дека суровото млеко на сточарите им се окупува за беспари за смешни 24 до 29 денари по литар, што не ги покрива трошоците на фармата па камоли да остане нешто за сточарите.
Сточарот Тони Петковски, претседател на „Пелагонско поле“ преку видео покажа што значи чисто млеко со 5 проценти масленост, што млекрниците им го откупуваат за беспари колку што чини мало шише вода во маркетите.
„Ова е чисто домашно млеко произведено од нашата стока и е полномасно млеко, а ни го земаат за една чаша вода во маркетот и си играат мајтап со народот, не ги кажуваат млекарниците кои продаваат хемија. АХВ да не се срами, да ги објави сите тие десет млекарнции кои произведуваат хемија со еден посто масленост, а ни го земаат со 5 проценти маслена единица чисто квалитетно млеко. Нашето млеко го преработуваат со хемија, а за тоа пред три месеци знаеја и министерот и директорите на АХВ и на Платежната агенција, на сите средби апелиравме, но не сакаа да слушнат. И казните што им ги изрекоа се смешни казни. 2.500 евра за толкава компанија срамота е тоа треба одма одземање лиценцата и одма затворање на млекарницата, а не казна“, реагира сточарот Петковски.
Во најголем дел од кометарите и на социјалните мрежи граѓаните исто така бараат да се обзнани кои млекарниците го „трујат народот“.
„Кога ние знаеме од пред години наназад дека се увезува вештачко млеко и палмина маст, АХВ кај кои први идат вакви информации се прават мутави и демек еве сега откриле. Најверојатно му ја немаат исполнето маржата и тоа е причината за ова таканаречено откритие“, коментира Љупчо.
„Оставка од Министерот за земјоделие да се каже правното лице што увезува палмино масло, имињата на сите млекари што пласирале вакви фалш производи затварање на сите фирми што увезувале вакви производи“, бара Јелена.
„Луѓе од сите страни сме сардисани и отруени… и воздух и почва и вода… мора да се бориме, а и самите да бидеме подобри луѓе зашто овој проклет капитализам го уништи светот“, коментира Светлана.
Вчера АХВ објави дека откриле сериозни отстапувања кај дел од млечните производи што се продаваат на домашниот пазар. Во рамки на контролите биле земени 91 мостра од млеко, млечни и сувомесни производи од домашно производство и од увоз.
Според АХВ, кај 10 оператори биле утврдени неправилности во однос на квалитетот и означувањето на производите. Најдрастичен е случајот кај еден производител кај кој лабораториските анализи покажале дека ситно сирење, декларирано со 20 проценти млечна маст, всушност содржело само 1 процент. Поради измама на потрошувачите, на операторот му е изречена казна од 3.500 евра во денарска противвредност. Кај уште осум производители и увозници биле утврдени разлики меѓу декларираниот и реалниот процент на млечна маст, поради што им се изречени парични казни од по 1.050 евра. Дополнително, кај еден оператор било утврдено користење растителни, односно палмини масти во производ означен како млечен производ. За овој прекршок е изречена казна од 1.300 евра, а спорниот производ, во количина од 500 килограми, е повлечен од продажба и уништен.
Од АХВ најавуваат дека засилените инспекциски контроли кај производителите и увозниците на млечни производи ќе продолжат и во наредниот период.