Јубилејно „Охрид трчаТ“ со рекордни 2.700 учесници од повеќе од 30 држави
Охрид од денес до 7 јуни е домаќин на јубилејното 10-то издание на атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“, најмасовната спортска манифестација во градот, која годинава обединува над 2.700 учесници од повеќе од 30 држави.
На денешната прес-конференција организаторите порачаа дека „Охрид трчаТ“ одамна ја надминал рамката на обичен спортски настан и прераснал во платформа за промоција на спортот, здравите навики, волонтерството, туризмот и меѓународното пријателство.
„Прославуваме јубилеј не само поврзан со трчањето. Прославуваме 10 години создавање приказни, 10 години создавање пријателства во Македонија и надвор од неа, 10 години едукација, подигнување на свеста и соработка со волонтерите кои се исклучително важен дел од сето она што сакаме да го постигнеме“, истакна Иван Цветкоски од Атлетскиот клуб „Охрид трчаТ“.
Тој посочи дека стартните пакети за учесниците веќе се дистрибуираат, а програмата започнува со традиционалната ноќна трка, која годинава е посветена на компанијата „Костал Македонија“, по повод заедничкиот јубилеј и десет години соработка.
Во рамки на викендот се предвидени повеќе спортски, рекреативни и забавни содржини, меѓу кои хуманитарна паста-забава, фитнес настан на отворено во соработка со Имлек, како и социјални и едукативни активности насочени кон промоција на културното и историското наследство на Охрид.
„Саботата генерално ни е посветена на самиот Охрид и неговите убавини. Подготвивме прошетка со брод до Свети Наум и разгледување на стариот дел од градот за сите учесници кои доаѓаат од Македонија и странство“, рече Цветкоски.
Главниот натпреварувачки ден е недела, кога во 8:15 часот ќе стартува полумаратонот на 21 километар, а во 9 часот трката на 5 километри. Дел од програмата е и штафетниот полумаратон, како и тим-билдинг трките.
На прес-конференцијата присуствуваше и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кому му беше врачен стартниот број за рекреативната трка на 5 километри.
„Охрид трчаТ е гордост не само за Охрид, туку и за Македонија. Начинот на кој се организираше и развиваше низ годините му отвори нови перспективи и меѓународна препознатливост. Ова не се само трки на 5 и 21 километар, туку три дена исполнети со спорт, дружење и позитивна енергија. Локалната самоуправа цврсто стои зад ваквите успешни приказни кои го промовираат градот и државата“, истакна Пецаков.
За безбедноста на учесниците ќе бидат ангажирани сите расположливи капацитети на СВР Охрид. Командирот на Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, Владо Аслимоски, информираше дека по должината на трасата ќе бидат обезбедени 32 позиции со полициски службеници.
„Ќе биде ангажирано целокупното моторно одделение на сообраќајната полиција, како пред така и зад колоната на учесници. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци и упатствата на полициските службеници за да се обезбеди максимална безбедност за сите учесници“, рече Аслимоски.
Благодарност до волонтерите, институциите, партнерите и спонзорите упати Јоне Станкоски од АК „Охрид трчаТ“.
„Благодарение на сите вас, Охрид трчаТ денес е настан на кој Охрид и Македонија се горди. Да го направиме и ова јубилејно издание вистински празник на спортот, заедништвото и позитивната енергија“, порача Станкоски.
Меѓу учесниците и годинава ќе биде македонскиот рекордер и олимписки репрезентативец Дарио Ивановски, а организаторите очекуваат јубилејното издание да биде најмасовно и најсодржајно досега.
„Охрид трчаТ“ започна во 2017 година како локална спортска иницијатива, а денес претставува една од најпрепознатливите спортско-туристички манифестации во земјата.