По повеќе од една деценија изградба, кулата на Водно е пред пуштање во употреба
Телекомуникациската кула на Водно, еден од најголемите инфраструктурни проекти во Скопје во изминатата деценија, влегува во завршна фаза пред официјалното пуштање во употреба. Според информациите споделени од директорот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), Орце Симов, сите градежни активности на објектот се завршени и преостанува уште административната постапка за добивање употребна дозвола.
„Сите градежни активности се завршени, остана уште постапката за добивање на употребна дозвола. Во тек е…“, напиша Симов на својот Фејсбук профил.
Кулата на Водно почна да се гради во 2013 година и претставува еден од највисоките објекти во државата. Според достапните податоци, таа е висока 155 метри и е наменета за мониторинг и контрола на радиофреквенциите што ги користат телекомуникациските оператори, радиодифузерите и други комуникациски системи.
Освен телекомуникациската функција, објектот содржи и административни простории, а на неговиот врв е предвиден панорамски ресторан со поглед кон Скопје. По ставањето во функција, се очекува да биде распишан јавен повик за избор на оператор кој ќе стопанисува со ресторанот.
Симов во својата објава откри и дека проектот е пријавен за учество на Светскиот фестивал на архитекти 2026, каде ќе конкурира за меѓународно признание во областа на архитектурата.
Со добивањето на употребната дозвола, по повеќе од 12 години од почетокот на изградбата, кулата конечно ќе биде подготвена за целосно ставање во функција.