Ако нема афера зошто има суспензија во претседателскиот кабинет, прашува Пендаровски
Ако тој за кого постои сомневање дека извлекувал информации од компјутерскиот систем во Кабинетот на Претседателката и е суспендиран, тогаш како може Гордана Сиљановска-Давкова изјавува дека нема афера со можна шпионажа. Ова го постави како дилеми поранешниот претседател Стево Пендаровски во интервју за емисијата „360 степени“ на МТВ.
На прашањето на уредникот Васко Попетревски – „Претседателката во неколку јавни настапи вели дека не може да стане збор за шпионирање, ниту за афера, затоа што доверливите, класифицираните документи ниту ги добива дигитално, ниту се чуваат дигитално“, Пендаровски одговори:
„Последната констатација на Сиљановска е точна. Нејзината претходна теза не е точна. Точно е дека сите класифицирани документи, барем до пред две години, се добиваа на хартија. И на хартија се архивираат. Некои од нив се враќаат, исто така, во плико и на хартија на оној што ти го донел тоа, на агенцијата. Меѓутоа, да кажеш дека нема афера затоа што сè се добива на хартија, значи да го занемариш фактот, што исто го кажуваш во истата изјава, дека е суспендиран ИТ-техничар. Во ред, не е суспендиран архивар, значи не е таму пробиено. Меѓутоа, зошто е суспендиран ИТ-техничарот? Просто прашувам…
На прашањето дали може да се направи паралела за протечената информација и транскрипт од состанок во неговиотв кабинет на кој присуствувал целиот државно-политички врв заедно со амбасадорите на Соединетите Американски Држави и на Европската унија, Пендаровски одговори:
„Знаете зошто не, затоа што стануваше збор за еден вработен во кабинетот кој бил припадник на ‘огнената група’, која беше зачетокот на ВЛЕН во тоа време. Тој, гледајќи дека на состанокот доаѓа и господинот Ахмети, од кабината на преведувачот, бидејќи разговорот беше на англиски, успеал да сними неколку акценти од излагањето на Али Ахмети за да може тоа партиски, политички да го употреби на другата страна, контрастраната од ДУИ. Откога тоа се откри, веднаш луѓе од надлежните институции вклучително и од АНБ разговараа со човекот, заклучија прво дека тој нема никаков контакт со странски служби и второ тоа што успеал да го забележи на неговиот мобилен не е класифицирана информација. Не е никаква тајна. Потоа беше истеран од кабинетот“.
Тој во интервјуто рече дека идејата за широка коалиција била промовирана од Зоран заев и Христијан Мицкоски.
„Идејата за широка коалиција е дискутирана меѓу Заев и Мицкоски – да се направи широка коалиција и тој речиси неформален договор има две точки – прво, денес Бугари во Устав, утре предвремени избори. ВМРО добива избори една година минимум порано од регуларниот термин, а политичкиот товар го поднесуваме сите и после тоа тераме не само кон Европска унија, туку и без таков товар тераме во развој на државата многу побрзо. Таа идеја ја поддржа меѓународната дипломатија, вклучително и американската дипломатија. Сега, кој бил прв, меѓутоа ја знам дека Заев го објаснувал тоа во тогашниот врв на СДСМ и во Владата“.