Масти и масла го отежнуваат процесот на прочистување на отпадните води во Куманово


Граѓаните во Куманово сѐ уште немаат доволно информации за правилно одлагање на отпадните масти и масла, кои често завршуваат во канализацискиот систем и создаваат сериозни проблеми во работата на пречистителната станица, предупредуваат надлежните од ЈП „Водовод“ Куманово.

– Мастите и маслата заедно со комуналната отпадна вода стигнуваат до пречистителната станица. Иако имаме третман, тие ги запушуваат цевководите, особено кога се мешаат со песок и формираат наслаги, што предизвикува потешкотии во функционирањето на системот- изјави м-р по технички науки од пречистителна станица Куманово, Габриела Белчевска.

Таа објаснува дека мастите и маслата се издвојуваат на површината и се испумпуваат надвор од отпадната вода, по што водата продолжува во биолошкиот процес на прочистување. Но, доколку концентрацијата е поголема, настануваат проблеми во процесот на растворање на кислородот, што директно влијае врз микроорганизмите кои се клучни за прочистувањето.

– Микроорганизмите немаат доволно кислород и не можат да се хранат со азот, фосфор и јаглерод, поради што изумираат. Тоа негативно влијае врз целиот процес на прочистување – вели Белчевска.

Дополнителен проблем, како што вели Белчевска, претставуваат отпадните води од рестораните и индустриските капацитети, кои треба да имаат сопствен предтретман за масти и масла пред испуштање во канализацијата.

– Институциите треба да преземат законски мерки за да се спречи исфрлањето на масти и масла од рестораните и индустриските капацитети, со цел да се заштити живиот свет и животната средина“ – додава Белчевска.

Во државата сѐ уште нема доволно пунктови за собирање отпадно масло, но граѓаните можат да го собираат во пластични шишиња или буриња и соодветно да го одлагаат. Белчевска потсетува дека отпадното масло може и да се рециклира и да се користи за производство на биодизел и други производи. Освен мастите и маслата, сериозни проблеми во системот создаваат и влажните марамици, текстилните материјали и песокот кои завршуваат во канализацијата.

-Апелираме граѓаните совесно да се однесуваат и да не фрлаат масти, масла и влажни марамици во одводите и тоалетите, бидејќи тоа директно влијае врз работата на пречистителната станица и врз заштитата на животната средина – порача Белчевска.