Левица: Јаневска да каже што направила, а не кој министер бил пред неа


Министерката за образование Весна Јаневска (Фото: Б. Грданоски)

Левица реагира на , како што се оградуваат, „демантот” на министерката Јаневска за ревизорскиот извештај, потсетувајќи дека работа на секој министер е да го штити јавниот интерес и буџетот на граѓаните, без оглед на партијата на власт или на претходната.

„Ако министерката Весна Јаневска смета дека повикување на јавно достапен извештај од Државниот завод за ревизија и легитимно прашување за тоа што таа направила по негативните забелешки на државниот ревизор е манипулација на јавноста, тогаш министерката треба да се потсети дека е државен службеник со највисоки ингеренции.

Овие ингеренции ѝ дозволуваат да покрене постапки, процеси и механизми за заштита на јавниот интерес, особено кога државен ревизор дава негативно мислење, и да ги отстрани, а не да ги продолжува.

Ирелевантно е кој министер и која партија била на власт за време на ревизијата. Не може секој нов министер да работи во дисконтинуитет и да врти глава настрана на потврдени незаконитости од претходните гарнитури. Освен ако нема партиски договор.

Јавно ја повикуваме министерката Јаневска наместо паушална изјава за една покрената мерка – да даде детален отчет што направила за да се спроведе секоја забелешка на државниот ревизор, откако стапила на функцијата. Наодите на државниот ревизор мора да бидат сериозно сфатени, и јавниот интерес заштитен. Никој, па ни министерката за образование, не е недопирлив пред законот и пред граѓаните“, порачуваат од Левица.