Градоначалникот на Скопје на реконструкција на улица во Карпош, но со заменик-градоначалникот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска заедно со заменик-градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски, го означи почетокот на реконструкцијата на улицата „Загребска“, една од поважните сообраќајници во Карпош која секојдневно ја користат илјадници граѓани.
Според Ѓорѓиевски, улицата има особено значење бидејќи обезбедува пристап до Институтот за респираторни заболувања кај децата – Козле, поради што безбедниот и функционален сообраќаен пристап е од голема важност.
„Станува збор за улица која со години беше во исклучително лоша состојба и чија реконструкција одамна беше неопходна. Денес конечно започнуваме со решавање на овој реален проблем“, истакна Ѓорѓиевски.
Со проектот е предвидена целосна санација на коловозот, а ќе биде изграден и потпорен ѕид долг околу 50 метри и висок четири метри, со цел да се зголеми безбедноста и стабилноста на теренот и да се спречат идни оштетувања.

Градоначалникот информираше дека паралелно се реализираат и други значајни инфраструктурни проекти во Карпош. Меѓу нив е мостот на улицата „Љубљанска“, кој, како што рече, по години застој е одблокиран и се гради со засилена динамика.
„Денес на терен веќе се градат потпорните ѕидови, што е уште еден важен чекор кон конечното пуштање во употреба на мостот и новата сообраќајница која значително ќе го намали метежот во овој дел од градот“, нагласи Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека интензивно се работи и на клучката „Момин Поток“, каде се градат три моста и веќе е асфалтиран дел од трасата.
Воедно најави и изградба на нов парк на површина од околу 70.000 квадратни метри меѓу булеварите „Илинден“ и „Љубљанска“, кој ќе биде наменет за рекреација, спорт и одмор на граѓаните.
„Чекор по чекор, проект по проект, го враќаме развојот во Скопје. Продолжуваме силно за Карпош и за целото Скопје“, порача Ѓорѓиевски.