Во Битола продолжи судењето на Елена Спасеновска, поранешен директор на Средношколскиот дом

Сведочеше Елена Спасеновска и кажа зошто и бил потребен пензионерот Менде Петровски и зошто го носела на службени патувања


(Фото: Анета Блажевска)

 

БИТОЛА – Обвинетата Елена Спасеновска, поранешен директор на Средношколскиот дом во Битола, денес во Основниот суд Битола сведочеше по обвинението за злоупотреби на службата па кажа зошто ѝ бил потребен пензионерот (секретар) Менде Петровски да го ангажира во домот и да го носи на службени патувања.

Директорката на пензионерот му плаќала претплата за службен телефон две години од парите од Средношколскиот дом, всушност апаратот бил негов приватен, а претплатата на државна сметка. На прашањата на обвинителката Ирена Атанасовска токму околу претплатата на телефонот, адвокатот Олег Ѓоргиев почна да ја брани обвинетата со нервозно довикување.

„Криминалот голем за претплатата од 500 денари“, повторуваше Ѓоргиев, кој беше и адвокат на Домот во времето на Спасеновска и земаше паушал.

Обвинителката Атанасовска му возврати да не ги минимизира работите: „Оставете да прашувам, тишина, да не ме прекинувате“, возврати обвинителката.

Кога бранителот Полина Ѓоргиева ја праша обвинетата дали Петровски го користел службениот телефон без основ, обвинетата сакајќи да одбрани беше непрецизна: „Апсолутно неточно, цело време дури и кога не го користеше беше постојано користен за потребите на Домот“.

На Елена Спасеновска ѝ се суди за неколку кривични дела, процес поттикнат од истражувачката новинарска сторија на Анета Блажевска, новинарката од Битола, која е дописничка на „Независен“ и за порталот„Апла“.

Судскиот процес го води судијата Елена Журовска, а обвинението го застапува Ирена Атанасовска. Присутен беше и бранителот на оштетеното правно лице ДУД „Мирка Гинова“ Битола, адвокатот Здравко Камбовски, кој претходно пред судот изнесе дека имаат оштетно побарување од обвинетата Спасеновска во износ од 1.430.865 денари (околу 23.000 евра).
Спасеновска одговараше за службените патувања со пензионерот Менде Петровски, за користењето на службеното возило, за плаќањето на телефонот на пензионерот, за договорите на дело…

Кога обвинителката ја праша Спасеновска дали ангажираниот адвокат Олег Ѓоргиев во домот можел да ја врши работата на Менде Петровски на кого Спасеновска не му одобри годишен одмор – обвинетата рече дека адвокатот тие обврски што ги правел Петровски не можел да ги изработи.

Обвинителката праша, ако Петровски бил толку неопходен за Домот тогаш зошто во тој период патувал на службени патувања што може да се види од листинзите на граничните премини и од евиденцијата од Домот?

Спасеновска призна дека на Петровски му бил даден како што рече „титкач“ (чип за идентификување) за да ја отвора вратата на домот од ученик и оттука кажа дека листинзите за кои зборува ОЈО се неточни оти ученикот се враќал во 23 часот навечер, што било несвојствено за вработениот.

На прашањето на обвинителката зошто не било изработено решение, како документ, Петровски да не може да користи годишен одмор, туку постои ливче своерачно напишано од обвинетата,  Спасеновска кажа дека „своерачниот потпис е поважен од печатот“ и дека сакала да го извести УО, не сакала самостојно да носи решение.

По ова, обвинителката праша: Кој е одговорен за материјалното и финансиското работење на домот, Управниот или директорката?

„Во статутот на Домот точно стои дека директорот ги извршува одлуките на УО и никаде не стои дека е директорот одговорен. УО има управувачка одлука и е над директорот“, рече Спасеновска.

Запрашана зошто го носела Петровски на службени патувања во Скопје и му плаќала дневници, Спасеновска кажа дека „документацијата што ја носевме и земавме беше колку половина соба и ниту еден директор сам не ја носеше или земаше“.

Спасеновска го испратила Менде Петровски на семинар на стручно усовршување во Струга, па се правдеше дека „инспекторот Аце од Архивот ми посочи дека е битно да присуствува“, за да се среди архивата, „па кога дојде инспекторката на увид беше вчудоневидена од архивата како беше средена“.

По ова обвинителката праша дали и друго лице пензионер уживало вакви погодности во Домот за стручно усовршување како Петровски со исплата на патни трошоци, дневници, исплата на службен телефон?

Спасеновска се правдаше дека пензионерот можел да го тужи домот – „не се работи за стручно усовршување туку да се биде во тек со промените… сѐ беше по закон, не се работеше за поволности, се исплаќаа дневници од 350 денари, во спротивно можеше да го тужи домот“.

Во однос на договорите на дело, обвинетата кажа како работела и како ги применувала законите: „По Законот за јавни набавки до 60.000 денари, 12 пати во годината не е потребна постапка за јавни набавки.“

Обвинителката праша што е со договорите што надминуваат 24 месеци дали е прибавена согласност? Спасеновска кажа: „…го искористив мојот авторитет затоа што многу тешко се добива согласност, немаше донесена одлука за добивање на согласност од страна на МОН и Министерство за финансии“.

Обвинетата Спасеновска на прашање на нејзините бранители кажуваше и други работи околу обвинението. Кажа дека знае зошто е обвинета, дека на Менде Петровски не му одборила годишен одмор бидејќи во Домот се одвивале постапки од како што рече суштинско значење за институцијата како прием на ученици за следната година, постапката за прием на секретар и садомијач, сместување на гости… Велешедека одлуката Петровски да не користи одмор и за тоа да биде платен со пари од домот ја донела по одлуката на Управниот одбор.

Па така Петровски продолжил да работи во Домот со договор на дело и со одлука на УО: „Да, целосно извршуваше работи“, рече Спасеновска за пензионерот.

Нејзиниот бранител ја праша – дали со овие дејствија имала намера да му наштети на Домот или Петровски да стекне имотна корист?

„Апсолутно не, баш напротив тоа го сторив за непречено функционирање на работите, а не можеше да се стекне со противправна имотна корист од причина што добиваше една плата, а не две“, рече Спасеновска.

Спасеновска призна дека му плаќала на Петровски за службени патувања и службен телефон ама како што рече со одлука на УО.

„Книговодството буквално ми рече – секое лице кои извршува работи во интерес на институцијата има право на дневница“, образложи Спасеновска.

Околу користењето на средствата за репрезентација Спасеновска кажа дека тие средства ги користела за службени потреби па наброја „за кафе, храна, оброк, пијалоци.“

Спасеновска призна дека ангажирањето на сметководствената фирма „Сејф акаунт“ и на адвокатот Олег Ѓоргиев не ги направила со најевтината понуда.

(Фото: Анета Блажевска)

„Ми беше посочено дека адвокат и сметководител не може да биди најевтин, односно кој било, оти се работи за суптилни ангажмани од кои зависи институцијата целосно. Сметководителот ако не е во добра форма може да нанесе огромна штета на институцијата како и адвокатот“, рече обвинетата.

Бранителот ја праша обвинетата дали лажирала налози за службените патувања од мај до декември 2022 година.

„Тоа не се лажни исправи туку тоа се интерни налози кои обично однапред се пополнуваат за неделно, месечно и годишно планирање… може да стане збор за евентуална неусогласеност за планот и реализацијата на активностите“, рече Спасеновска.

Завршните зборови за ова судење се за една недела по што Судот ќе донесе одлука за обвинетата Елена Спасеновска.