Украински полковник пронајден мртов: Бил командант на механизирана бригада


Командантот на 154-та посебна механизирана бригада на вооружените сили на Украина, полковник Володимир Коноников, е пронајден мртов, соопштија украинските воени и полициски власти. Околностите на неговата смрт сè уште не се познати, а случајот го истражуваат надлежните органи.

„Во недела, 28 јуни, командантот на 154-та посебна механизирана бригада, полковник Володимир Олександрович Коноников, беше пронајден мртов. Околностите на смртта на офицерот се под истрага“, се вели во соопштението.

Во соопштението, исто така, се наведува дека Коноников бил „офицер лојален на Украина и армијата, одговорен командант кој се грижел за своите луѓе и за потребите на единицата“.

Полицијата од Запорошката област подоцна објави дека командантот на воена единица е пронајден мртов со прострелна рана. Иако во соопштението не се споменува неговото име, украински воени извори рекоа дека станува збор за Коноников, објавува Киев Индепендент.

Властите сè уште не објавија никакви дополнителни информации за околностите на смртта или за евентуалниот мотив. Познато е само дека истражителите отвориле кривична постапка според член 115 од Кривичниот законик на Украина, што вклучува и убиство.