Украински нудли направија епидемија на салмонела во 14 европски земји
Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА) и здравствените власти денеска објавија дека епидемија на инфекција со салмонела поврзана со ароматизирани инстант тестенини е регистрирана во повеќе европски земји, со 106 потврдени случаи, претежно кај деца и млади луѓе.
Случаите за прв пат беа пријавени во ноември, а најмалку 49 лица беа хоспитализирани, соопштија ЕФСА и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) во одделни изјави, пренесува AP.
Агенциите соопштија дека „производите со ароматизирани тестенини се најверојатен извор на епидемии на инфекција во неколку земји“, со докази што ги поврзуваат случаите со производи од истата марка.
Иако не е именуван конкретен дистрибутер, се вели дека случаите на инфекција со сојот на салмонела Stanley се поврзани со производител во Украина.
Компанијата Reva Foods објави дека во една серија од нејзините инстант тестенини наменети за балтичкиот пазар, произведена од украинскиот производител Juro Food Service, е забележано „наводно откривање“ на Salmonella Stanley.
Компанијата соопшти дека започнала внатрешна истрага и ги повлекла спорните серии на производи, како и дека преземала дополнителни мерки, вклучувајќи лабораториски тестови, регулаторни проверки и зголемен надзор.
„Безбедноста на нашите потрошувачи е наш приоритет“, објави компанијата, додавајќи дека соработува со надлежните институции.
Европските власти соопштија дека случаи се пријавени во Австрија, Германија, Данска, Естонија, Латвија, Литванија, Норвешка, Обединето Кралство, Полска, Унгарија, Франција, Холандија, Чешка и Шведска.
Според микробиолошките анализи, епидемискиот сој е откриен во Германија и Литванија во пилешко и производи со тестенини со вкус на зачинето пилешко.
Според агенцијата, истрагата е во тек.
Симптомите на инфекција со салмонела вклучуваат дијареја, треска, повраќање, дехидратација и грчеви во стомакот.