Туск: Малку е веројатно дека мирот во Украина наскоро ќе биде постигнат


Полскиот премиер Доналд Туск

Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека малку е веројатно дека мирот во Украина наскоро ќе биде постигнат и додаде дека очекува Русија да ја продолжи војната барем до почетокот на зимата.

Туск во Париз изјави дека за ситуацијата во Украина разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Во овој момент, се чини малку веројатно дека ќе се постигне прекин на огнот или мировен договор во блиска иднина, со оглед на непопустливоста на Русија и (претседателот Владимир) Путин“, рече Доналд Туск.

Туск оцени дека сите во моментов очекуваат ескалација на руските дејствија и дека е многу веројатно дека Русија ќе сака да ја продолжи војната барем до зима.

Полска есенва ќе биде домаќин на воени вежби со француски и британски трупи за да можат да бидат подготвени да обезбедат безбедност за Украина и регионот откако ќе се постигне мировен договор или прекин на огнот.

„Ова ќе бидат вежби што ја подготвуваат целата коалиција (на оние што се подготвени) собрана денеска во Париз за такви вистински безбедносни гаранции за Украина, но и за регионот“, рече Туск, кој е меѓу гостите во Париз по повод францускиот национален празник Денот на Бастилја.