Тројца загинати и петмина повредени во напад со дрон врз Московската област, четири лица ранети во напад врз Одеса


Три лица загинаа, а петмина се повредени во украински напад со беспилотно летало врз Московската област, соопшти регионалниот гувернер, Андреј Воробјов.

Воробјов изјави дека жртвите се последица на пад на дрон, додавајќи дека во текот на ноќта руските единици за радиоелектронска борба и противвоздушна одбрана собориле 81 беспилотно летало над регионот.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека руските вооружени сили во текот на ноќта извршиле напади врз украински пристаништа.

Според Министерството, при нападите биле погодени објекти од пристанишната инфраструктура во Черноморск, во Одеската област што, како што се наведува, биле користени за складирање воени материјали.

Украинските власти соопштија дека најмалку четири лица се повредени во утринскиот напад врз Одеса.

„Утрово Русите повторно ја нападнаа цивилната инфраструктура на Одеса и регионот“, напиша гувернерот на Одеската област Олег Кипер на својот канал на „Телеграм“. Тој додаде дека при нападот врз паркиралиште избувнал пожар во кој изгореле шест автобуси.

Според него, оштетени се уште 11 автобуси и шест автомобили, а штета е предизвикана и на објект и на територијата на еден санаториум.

Надлежните служби работат на отстранување на последиците од нападите, изведени преку акваторијата на Црното Море.