Трамп му се закани на Иран, Техеран најави целосна контрола врз Ормуската Теснина


Помалку од две недели по потпишувањето на рамковниот договор за прекин на конфликтот, САД и Иран повторно разменија напади, откако Вашингтон го обвини Техеран за напад врз трговски брод во Ормуската Теснина.

Американските сили извршија напади врз повеќе цели во Иран, а иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда (ИРЦГ) соопшти дека нападнал американски воени објекти во Кувајт и Бахреин, каде што се наоѓаат американски бази.

Во меѓувреме, во јужен Либан израелската армија гранатираше позиции на Хезболах, само неколку дена по рамковниот договор меѓу Израел и Либан.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави во Багдад дека Иран повторно ќе ја преземе целосната контрола врз пловидбата низ Ормуската Теснина во наредните 30 дена.

– Одговорноста за теснината му припаѓа исклучиво на Иран. Секое мешање или обид за создавање паралелни механизми само ќе ја усложни ситуацијата и ќе го одложи повторното отворање на оваа стратешки важна поморска рута –  рече Арагчи.

Американската Централна команда соопшти дека во нападите биле погодени ирански системи за противвоздушна одбрана, складишта за беспилотни летала и објекти за надзор, што претставува втор американски напад од потпишувањето на рамковниот договор.

Од своја страна, ИРЦГ соопшти дека во ракетно-дронска операција уништил осум американски воени цели, меѓу кои базата Али ал-Салем во Кувајт и базата на Петтата флота во Бахреин. Овие тврдења засега не се независно потврдени.

Кувајтската армија соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана пресретнала непријателски ракети и беспилотни летала, додека Бахреин потврди дека бил цел на ирански ракетен и дронски напад.

Кризата повторно се интензивира околу Ормуската Теснина, чиј статус останува нерешен и покрај договорот меѓу Вашингтон и Техеран.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нападот бил одговор на иранското прекршување на примирјето.

„Можно е тие никогаш да не научат. Може да дојде момент кога повеќе нема да можеме да бидеме разумни и ќе бидеме принудени воено да ја довршиме работата што успешно ја започнавме. Ако дојде до тоа, Исламската Република Иран повеќе нема да постои“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушал“.