Трамп: Ако продавачите на гориво не ги намалат цените веднаш, ќе има големи проблеми
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера ги предупреди продавачите на гориво веднаш да ги намалат цените или да се соочат со „сериозни проблеми“.
„Продавачите на гориво мора да ги намалат своите цени, СЕГА“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
„Нема да има зголемување на цените, што е целосно нелегално. Ако продавачите не го сторат тоа, тие се во голема неволја! Започнете да се стремите кон околу 2,50 долари за галон (3,785 литри)“, додаде тој.
Трамп минатата недела изјави дека му наредува на Министерството за правда да ги истражи нафтените компании за тоа што не ги намалиле малопродажните цени на горивото во согласност со падот на цените на суровата нафта, обвинувајќи ги компаниите дека „претеруваат“ со натплаќањето на гориво од потрошувачите.
Цените на нафтата се зголемија оваа година откако САД и Израел започнаа напади врз Иран кон крајот на февруари, а Иран одговори со свои напади врз Израел и земјите од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американските бази.
Потрошувачите изразија загриженост за високите цени на горивата, бидејќи претседателот и неговата Републиканска партија се обидуваат да задржат тесно мнозинство во Конгресот на среднорочните избори во ноември.
Среднорочните избори, така наречени бидејќи се одржуваат на половина од претседателскиот мандат, традиционално се еден вид референдум за актуелниот претседател, и речиси по правило партијата на власт во Белата куќа ја губи моќта во Конгресот.
Дипломатијата меѓу Вашингтон и Техеран за прекин на конфликтот неодамна доведе до делумно намалување на малопродажните цени на горивата за Американците.сд