Том Круз снима со оскаровецот Ињариту: Ми требаа 40 години за да ја одглумам оваа улога
Лас Вегас – Том Круз во вторникот на конвенцијата CinemaCon во Лас Вегас изјави дека му биле потребни 40 години актерско искуство за да го достигне нивото каде што може да го игра ексцентричниот нафтен тајкун, главниот лик од црната комедија „Дигер“. Том Круз ги покажа првите снимки од новиот филм, во режија на Алехандро Гонзалез Ињариту.
„Ми требаа 40 години за да се ставам во кожата на Дигер Роквел и да играм толку сложен лик“, рече Круз.
Снимките го прикажуваат 63-годишниот актер трансформиран во Дигер Роквел, постар човек со проретчена седа коса, стомак, длабок јужњачки акцент и склоност кон мачки.
Во филмот, Роквел ненамерно предизвикува еколошка катастрофа што го доведува светот на работ на нуклеарна војна, по што се обидува да ја спаси планетата.
Филмот на „Ворнер Брос“ треба да се појави во кината во октомври.
„Ова може да биде еден од најпредизвикувачките проекти во неговата кариера“
На Круз на сцената му се придружи четирикратниот добитник на Оскар, Алехандро Гонзалез Ињариту. Режисерот на „Birdman“ и „The Revenant“ рече дека тој и Круз првпат разговарале за филмот пред седум години.
Круз во тоа време го снимал „Top Gun: Maverick“. Тој рече дека е голем обожавател на филмовите на Ињариту и се возел со својот мотор до куќата на режисерот откако го поканил да разговара за новиот проект.

„Знаеме дека Том е бестрашен и целосно посветен на улоги, каскадерски сцени, авиони и скокови“, рече Ињариту. „Но, мислам дека оваа улога е различна од неговите вообичаени акциони филмови и бара поинаков вид храброст. Претпоставив дека ова може да биде еден од најпредизвикувачките проекти во неговата кариера“.
Круз беше и во Лас Вегас за да ги претстави другите претстојни филмови од „Warner Bros.“, кои доживеаа голем комерцијален успех во изминатата година и освоија 11 Оскари.
Зендаја, Тимоти Шаламе и Џејсон Момоа го најавија „Дина: Трет дел“, последниот дел од научно-фантастичната сага, кој треба да се појави во кината во декември. Дејството на филмот се одвива 17 години по настаните од вториот дел.