Македонската музичка традиција на Фестивалот „Солеј“ во Созопол


Во рамките на завршната вечер на Македонската вечер, одржана како дел од програмата на Меѓународниот франкофонски фестивал „Солеј“ во Созопол, публиката имаше можност да доживее вистинска музичка и културна свеченост преку настапот на реномираната македонска група „Баклава“. Настанот претставуваше уште една значајна можност за промоција на македонската култура, традиција и уметност пред меѓународна публика, која со големо внимание и интерес ги проследи сите содржини на вечерта, се вели во соопштението од Македонскиот културно-информативен центар во Софија. 

Пред настапот на ансамблот, пред присутните гости, претставници на културни институции, уметници, учесници на фестивалот и бројната публика, се обрати директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија и дипломатски советник, проф. д-р Зоран Пејковски. Во своето обраќање, тој ја истакна важноста на културната дипломатија како мост на поврзување меѓу народите, нагласувајќи дека токму културата и уметноста претставуваат најсилен и најискрен јазик на меѓусебно разбирање, почитување и соработка.

Проф. д-р Пејковски зборуваше за богатото македонско културно наследство, кое со векови се градело и развивало како дел од европската и светската цивилизациска ризница. Тој посочи дека македонската музичка традиција претставува еден од највредните сегменти на националниот идентитет, носејќи во себе длабока духовност, автентичност и универзални човечки пораки. Во таа насока, тој ја претстави групата „Баклава“ како еден од најуспешните и најпрепознатливите музички состави од Македонија, кој со својата уметничка визија и креативност успешно ги спојува традиционалните музички мотиви со современите музички изрази.

Осврнувајќи се на нивното долгогодишно творештво, проф. д-р Пејковски истакна дека „Баклава“ претставува вистински културен амбасадор на Македонија, ансамбл кој низ бројни настапи на престижни меѓународни фестивали и културни манифестации ја афирмира македонската музичка традиција и ја доближува до публиката ширум светот. Според него, нивната музика е доказ дека културното наследство не е само спомен од минатото, туку жива и динамична вредност која постојано се обновува и добива нови значења.

Во своето обраќање, тој нагласи дека Македонија е земја на богата култура, длабоки духовни вредности и космополитски дух, земја која преку своите уметници и културни дејци успешно комуницира со светот и придонесува кон збогатување на меѓународниот културен дијалог. Притоа, ја потенцираше улогата на културните институции во создавањето нови можности за соработка и презентација на македонските уметнички достигнувања надвор од границите на државата.

По неговото обраќање следуваше настапот на „Баклава“, кој беше пречекан со голем интерес и искрени аплаузи од присутната публика. Со својата препознатлива сценска енергија, виртуозни интерпретации и автентичен музички израз, тие создадоа атмосфера исполнета со емоции, убавина и културна длабочина. Нивните изведби претставуваа патување низ богатата македонска музичка традиција, но и потврда за нејзината современа релевантност и универзална привлечност.

Настапот на „Баклава“ и обраќањето на проф. д-р Зоран Пејковски оставија силен впечаток кај присутните, потврдувајќи ја важноста на културните настани како простор за зближување на народите, размена на идеи и афирмација на вистинските вредности. Македонската вечер во Созопол уште еднаш покажа дека културата е најдобриот амбасадор на една земја, а македонската традиција и уметност достојно го заземаат своето место на меѓународната културна сцена.