Срамниот билборд за Скопје Ѓорѓиевски го опиша како „печатна грешка“, го смени и ја нападна опозицијата


 

Со промотивно видео на Фејсбук градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, гордо го најави срамниот и аматерски билборд со кој им посакува добредојде на оние што пристигнуваат во главниот град, а сега вели дека бил „печатна грешка“. Од кого – не кажува, но билбордот денеска беше сменет и наместо со вештачка интелигенција беше комбиниран со пет фотографии од знаменитости од Скопје.

Ѓорѓиевски рече дека Градот ништо нема да плати за оваа промена на билбордот и дека тоа ќе го надокнади компанијата која го изработила. Која компнија го посрамоти него, администрацијата на Градот, а и скопјани не кажа. Но не пропушти да ја напдне опозицијата објавувајќи го новиот билборд на Фејсбук.

„Опозицијата очигледно нема ниедна сериозна тема, па се занимава со ниски страсти. Ако нашиот најголем грев е печатена грешка, тогаш сме на одличен пат“, пишува градоначалникот.

Тој рече дека „кој работи и греши“, обидувајќи се да го минимизира скандалот кој гордо го најави.

На новиот билборд „Добредојдовте во Скопје“ има фотографии од кулата на скопското Кале, Камениот мост на реката Вардар, кањонот Матка, Старата скопска чаршија и споменикот „Воин на коњ“. Истиот билборд е поставен и на излезот од градот, но таму пишува „Скопје ви посакува среќен пат“.

Граѓаните го критикуваа и му се потсмеваа на претходниот билборд. „Воинот на коњ“ (Александар Велики), клучниот сегмент од проектот на Никола Груевски – „Скопје 2014“, беше претставен во срцето на билбордот. А коњот што го јава, Букефал, имаше пет нозе. Камениот мост на билбордот се протегаше во недоглед. Ѕидините на Калето извишени како некаков средновековен замок од Франција. Црквата не наликуваше на никаков таков сакрален објект во Скопје (граѓаните коментираат дека личи на храмот „Св.Сава“ од Белград). Водно е само тутнато во празниот простор на сликата.

 

Букефал ве пречекува во Скопје со пет нозе. Градоначалникот Ѓорѓиевски гордо го најави