Букефал ве пречекува во Скопје со пет нозе. Градоначалникот Ѓорѓиевски гордо го најави
На билбордот што ги пречекува оние што влегуваат во Скопје проблем не е само Букефал – Камениот мост се протега до бескрај, Калето личи на ран средновековен замок во Франција, Водно е само вметнато во празниот простор на сликата
Вештачката интелигенција прави чуда, но и глупости, кога некој не знае да ракува со неа.
Мајтапи, критики, потсмевања… Вака на социјалните мрежи е пречекан новиот билборд кој им посакува „Добредојдовте во Скопје“ на сите што пристигнуваат во главниот град од исток. Билбордот преку специјално видео гордо го најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Не е познато дали градоначалникот Ѓорѓиевски го погледнал решението за билбордот. Ако го погледнал и го одобрил, направил ужасна грешка од желба за што поголемо пропагандно промовирање. Ако не го погледнал а го промовира, исто така, направил огромна грешка. Ова е еден од неговите посериозни фаули откако го раководи Скопје.
Граѓаните имаат право да се потсмеваат и да критикуваат. „Воинот на коњ“ (Александар Велики), клучниот сегмент од проектот на Никола Груевски – „Скопје 2014’, е претставен во срцето на билбордот. А коњот што го јава, Букефал, има пет нозе. Камениот мост на билбордот се протега ли протега – нема крај. Ѕидините на Калето се извишени како некаков средновековен замок од Франција. Црквата не наликува на никаков таков сакрален објект во Скопје (граѓаните коментираат дека личи на храмот „Св.Сава“ од Белград). Водно е само тутнато во празниот простор на сликата. Беда и очај.
Сѐ на сѐ една трагикомедија и потценување на скопјани. Таа трагикомедија со отсуство на каков било вкус градоначалникот Ѓорѓиевски специјално ја најави преку видео на Фејсбук. И тоа со овие зборови: „Секој детаљ е важен кога градиме град со препознатливо лице и топла душа“, напиша во објавата. Навистина, секој детаљ е важен. Особено овој со смешниот билборд кој е речиси навреда за скопјани.
Како и што се очекуваше, реагираше и политиката. Опозицискиот СДСМ преку соопштение рече дека ова е срам за Скопје.
„Целата слика е генеричка и без никаква врска со реално Скопје. Ова не е прв пат ВМРО да го унаказува главниот град. Претходно беше со проектот ‘Скопје 2014’. Сега, наместо вистинско уредување и инвестиции, добиваме уште една кампања со AI-генерирани слики. ВМРО-ОКГ и Орце постојано прават кампањи. Сè е кампања, а резултати нема“, реагира партијата и вели дека „граѓаните добиваат уште еден симбол на аматеризам и срам“ токму во моментот кога во летната туристичка сезона бројот на странски посетители е зголемен.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски по вчерашните пофалби за билбордот денеска молчи. Молчи и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Барем засега. Граѓаните се потсмеваат на овој неверојатен аматеризам во евтината пропаганда.