СДСМ бара Национален оперативен штаб и конкретни мерки за западнонилската епидемија


СДСМ бара итна и системска реакција од институциите по прогласувањето на епидемијата на западнонилска треска. Наместо задоцнето гасење на пожарот, потребни се конкретни мерки, навремена превенција и јасна одговорност, порача Кети Штерјова од СДСМ, на денешната прес-конференција.
 
„Доста беше играње со здравјето на луѓето. СДСМ бара формирање национален оперативен штаб со јасна одговорност, Национална GIS карта на епидемијата и ризикот. Интензивен ентомолошки надзор, тестирање на комарци за западнонилски вирус. Мапирање и уништување на местата за размножување, интегрирана контрола на векторите, јавен дневен извештај за состојбата и проценка на ризикот во цела држава. Справување со епидемија не е прскање против комарци и прес-конференција. Мора да има силен системски одговор со сет на мерки и активности.Државата мора да го заштити здравјето на граѓаните“, рече Штерјова.
 
Притоа, Штерјова посочи  дека и оваа здравствена криза, како и кризата во Гостивар, покажа дека  власта на Мицкоски нема капацитет навреме да реагира и да го заштити здравјето на граѓаните.
 
„Новата криза со епидемија од западнонилска треска потврди дека власта на Мицкоски задоцнето реагира. Нема капацитет да превенира и да го заштити здравјето на граѓаните, туку реагира дури откако кризата ќе ескалира.Граѓаните веќе знаат – оваа Влада реагира реактивно, кога проблемот ќе ескалира, кога веќе има пациенти и заразени“, рече Штерјова.
 
Таа додаде дека западнонилската треска не е непознат ризик и дека институциите имаа обврска навреме да спроведат превентивни мерки и мониторинг.
 
„Западнонилската треска не е нова болест. Комарците не се појавија вчера, климатските услови не се појавија вчера, а ризикот од вектор-преносливи болести не е непознат. Не станува овде збор само за прскање од комарци туку за сериозни здравствени мерки и системска интервенција. Потребен беше само функционален систем што ќе ги поврзе сите овие институции пред да дојде до епидемија – систем кој Мицкоски не знае да го воспостави.Никој од власта не кажува дали е спроведен ентомолошкиот мониторинг, тестирањето на комарците, дали има национална карта на ризик“, рече Штерјова.

 

За СДСМ неодговорност е што реде две епидемии, премиерот Мицкоски и дел од Владата се на „екскурзија“.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак веќе два дена го обвинуваат лидерот на СДСМ Венко Филипче дека од плажа на Халкидики, каде што саминал на одмор (бидејќи властите секое лето го следат) диригира хистерии во Македонија.