Муцунски сака да апси опозиција за ширење паника
Сега испадна дека нема тајни разговори или, како што се објавуваа „под радарот“, за преговорите со Унијата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител ТВ се осврна на, како што рече, ширењето лажни вести и дезинформации од страна на СДС.
„Ова е лоша траекторија по која се движи најголемата опозициска партија. Седум години го уништуваа системот и ја поткопуваа довербата на граѓаните во институциите, а сега, кога се обидуваме да изградиме стабилен систем, преку лажни вести и дезинформации се создава паника“, истакна Муцунски.
Тој нагласи дека мора да постои одговорност за ширењето лажни вести и предизвикувањето паника, потсетувајќи дека во изминатиот период опозицијата, според него, повеќепати создавала хистерија со тврдења дека нема да има плати и пензии, дека ќе има мигранти и дека надворешната политика не функционира – нешто што го правеше, па и повеќе, неговата партија кога беше во опозиција.
„Наша обврска како политичари е да наоѓаме решенија за проблемите. Кога сме на власт, да ги решаваме, а кога сме во опозиција, да критикуваме конструктивно и тогаш кога критиката е основана. Мора јасно да ја разграничиме критиката од лагата и ширењето хистерија“, порача Муцунски.
Во тој контекст, тој посочи дека е потребен политички консензус за клучните прашања, но и одговорност кога со дезинформации се нарушува довербата во институциите.
„Треба да има одговорност за сите што шират паника и максимални казни доколку се докаже таквото постапување. Само така државата ќе функционира. Тоа не е обврска само на извршната власт, туку и на функционално и ефикасно правосудство кое треба да обезбедува правда“, нагласи Муцунски, додавајќи дека „преку ширење хистерија и лажни вести се губи довербата во системот“.
Осврнувајќи се и на тврдењата за наводни тајни разговори поврзани со надворешната политика, Муцунски категорично ги отфрли ваквите наводи.
„Тајни разговори или ‘разговори под радарот’ нема. Никогаш не сум кажал такво нешто и тоа лесно може да се провери“, истакна Муцунски.
Говорејќи за евроинтегративниот процес, тој оцени дека решението што го прифати претходната Влада е неприфатливо и дека неговата примена може да создаде дополнителна криза во процесот на европска интеграција.
„Нашата држава го промени своето име, а друг таков пример во Европа нема. Најмалку што заслужуваме е да бидеме оценувани и вреднувани врз основа на европските вредности и критериуми. Не смееме да дозволиме патот кон Европската Унија да нè обезличи како држава и како народ“, нагласи Муцунски.
Тој порача дека обврска на Владата е да продолжи да бара решение што ќе овозможи напредок кон Европската Унија, но притоа ќе ги заштити државните и националните интереси.
„На нас е да бараме решение – решение што ќе биде достоинствено и одржливо“, заклучи Муцунски.