Тамара со нов албум и концерт во октомври: Во „Кукла жива“ секој ќе се пронајде себе си
Поп-ѕвездата Тамара Тодевска подготвува голем концерт на 3 октомври во арена „Борис Трајковски“, со кој ќе одбележи 25 години кариера, а паралелно работи и на новиот албум „Кукла жива“. Албумот, кој содржи 11 песни, е резултат на соработка со Коста Петров, додека на концертот ќе настапи со оркестарот на Џијан Емин.
„Новиот албум ‘Кукла жива’ е рефлексија на многу моменти од мојата кариера и од мојот живот. Во стиховите сигурно ќе можат да се пронајдат и слушателите, затоа што се искрени и доживеани“, ни откри Тодевска.

Проектот е сè уште во фаза на интензивна студиска реализација, во која се вклучени бројни музичари, хористи и креативни соработници, а официјалната промоција на „Кукла жива“ се очекува во текот на мај.
Концертот е во организација на „Мјузик ритуалс“, а билетите се веќе пуштени во продажба.