Суд во Москва наложи апсење на ќерката на убиениот критичар на Путин, Борис Немцов


Суд во Москва денеска соопшти дека издал налог за апсење на ќерката на убиениот руски опозиционер Борис Немцов, која не живее во Русија, поради улогата што ја има во „непожелна организација“.

Жана Немцова, која ја напушти Русија во 2015 година по убиството на нејзиниот татко, е коосновачка на Фондацијата за слобода „Борис Немцов“, чие седиште е во Германија. Москва во 2024 година ја прогласи Фондацијата за „непожелна организација“ и ги забрани нејзините активности во Русија.

Одлуката на московскиот суд Немцова ја коментираше на Фејсбук: „Сега сум позната. ’Непожелната организација‘ е Фондацијата ’Борис Немцов‘, која ја основав во Германија во 2015 година. Регистрирана е во Бон, каде што денеска допатував“.

Борис Немцов, еден од најгласните критичари на претседателот на Русија Владимир Путин, беше убиен на 27 февруари 2015 година додека пеш го преминуваше мостот во близина на Кремљ. Имаше 55 години и во моментот на смртта работеше на извештај што ја испитуваше улогата на руската војска во кризата во Украина.

Руски суд во 2017 година пресуди дека петмина Чеченци го убиле Немцов за парична награда, но сојузниците на покојниот опозиционер тогаш рекоа дека пред лицето на правдата не се изведени оние што го наредиле и го организирале убиството.