Сега и тоа се случува: Русија почна увезува бензин од Мароко


 

Русија примила поморска пратка од приближно 30.000 тони бензин АИ-92 увезен од Мароко, изјавија за Ројтерс два индустриски извори.

Според нив, танкер со панамско знаме го натоварил горивото во мароканското пристаниште Тангер кон средината на јули и моментално го истоварува во арктичкото пристаниште Мурманск. „Лукоил“ бил снабдувач на гориво, изјавиле изворите за Ројтерс.

Мароканскиот бензин веројатно веќе е пуштен во продажба на Берзата за стоки и суровини во Санкт Петербург, забележува агенцијата. На купувачите им се нуди бензин АИ-92 испорачан со воз од станицата Кола (пристаниште Мурманск).

Мароко стана третата земја од која Русија почна да купува бензин по украинските напади врз рафинериите за нафта, што го намали производството на гориво во земјата на најниско ниво во последните две децении. Според извори на Ројтерс, производството на бензин во јули покрило само 65 отто од домашната потрошувачка, а вкупниот недостиг на гориво достигнал 700.000-800.000 тони.

На крајот на јули, првиот танкер што превезуваше 42.000 тони индиски бензин пристигна во пристаништето Витино во регионот Мурманск. Друг танкер што превезува бензин наменет за Русија, се упатува кон Суецкиот канал, каде што горивото ќе биде префрлено на друг брод, кој ќе го достави до руско пристаниште.

Вкупно, Индија се согласи да ја снабди Русија со две пратки бензин, приближно 100.000 тони. И двете беа испратени од „Најара енерџи“, во која „Роснефт“ има 49 проценти удел. Кон средината на јули, руските производители на нафта се обратија до индиските рафинерии со барање за зголемување на залихите, но индиските државни нафтени компании одбија. Казахстанската рафинерија „Конденсат“, исто така, испорача приближно 10.000 тони бензин во Русија. Според Ројтерс, Казахстан се согласи да продаде вкупно 50.000 тони „како дел од хуманитарната помош“.