Славен планинар меѓу шестмина исчезнати во лавина во Пакистан
Во лавината што се случи на еден од највисоките врвови во светот, Брод Пик на Каракорам, на границата меѓу Пакистан и Кина, загинаа четворица алпинисти, додека по шестмина сè уште се трага, објави денес Алпинистичкиот клуб на Пакистан.
Во соопштението се наведува дека досега се пронајдени четири тела на загинати планинари, од кои двајца се идентификувани како Надира ал Харти од Оман и Пур Бахадур Гурунг „Џукта“ од Непал, пренесува Скај њуз.
Најавено е дека идентитетот на другите ќе биде објавен „штом ќе станат достапни официјални информации“.
Во групата имало планинари од Непал, САД, Пакистан, Оман и Кина.
Големата лавина се случила околу 9:20 часот по локално време, но алармот не се вклучил до 13:00 часот, а Алпинистичкиот клуб на Пакистан вели дека дознале за лавината дури во 22:00 часот, поради што целиот ден бил изгубен, објавува веб-страницата „Експлорерс“.
Од утрово, два хеликоптери се вклучени во потрагата по планинари со искусни трагачи – планинари и кислород, а надеж дава слабиот сигнал од GPS уредот на еден од исчезнатите планинари кој покажува движење.
Меѓу исчезнатите е и светски познатиот алпинист Нирмал Пурџа (43), поранешен припадник на британските специјални сили, кој во 2019 година испиша историја искачувајќи се на сите 14 светски врвови повисоки од 8.000 метри за нешто повеќе од шест месеци, потсетува „Гардијан“.
Тој е познат и по појавувањето во документарец на Нетфликс во 2021 година, кој хронолошки го следеше неговиот обид да ги освои 14-те највисоки планини во светот за помалку од една година, во кој рече дека решил да користи дополнителен кислород за искачувањата, оправдувајќи го својот избор со огромниот предизвик што си го поставил.
Се приклучил на Британската армија во 2003 година, а станал Кралски маринец во 2009 година.
