Полска пресретна руски извидувачки авион над Балтичкото Море


Полските воени воздухопловни сили повторно пресретнаа руски извидувачки авион над Балтичкото Море, соопшти денеска владата во Варшава, објавувајќи дополнителни детали за падот на руска ракета на полска територија ден претходно.

Два полски борбени авиони Ф-16 беа кренати како одговор на рускиот извидувачки авион Ил-20 кој беше забележан на 40 километри северно од крајбрежното одморалиште Колобжег, напиша полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш на X.

„Уште еднаш, авионот се наоѓаше во меѓународен воздушен простор без план за лет и со исклучен транспондер“, информира министерот, додавајќи дека полскиот воздушен простор не бил повреден.

Инцидентот со шпионскиот авион доаѓа еден ден откако полските власти потврдија дека ракетата што падна во нива во близина на селото Тарнава Колонија, јужно од градот Лублин и на 90 километри од границата со Украина, била руска крстаречка ракета Х-101 способна да носи нуклеарна глава. Ракетата експлодирала при ударот. Нема повредени лица.

„Разговарав со командантот задолжен за инцидентот, генералот Иренеуш Новак, и со целосна одговорност можеме да потврдиме дека се работи за руска ракета Х-101“, изјави заменикот-министер за одбрана Цезари Томчик, нарекувајќи го инцидентот многу опасен.

Бројни парчиња остатоци беа обезбедени во кратерот од ударот, вклучувајќи го моторот и електриката, изјави денеска портпаролот на јавното обвинителство во Лублин, пренесе ДПА.

Заплените материјали овозможија „недвосмислен заклучок“ дека крстаречката ракета Х-101 била произведена во вториот квартал од 2026 година во фабрика за оружје во московскиот регион.

„Ова покажува дека Русија користи ракети кои се произведуваат тековно за гранатирање на Украина“, напиша министерот за одбрана Косињак-Камиш на Х. Ова ги потврдува информациите дека зачестуваат дефицитите во резервите на муниција во Русија.

Во знак на протест поради инцидентот, Министерството за надворешни работи на Полска го повика рускиот амбасадор во Варшава, изјави во петокот премиерот Доналд Туск.

Јавното обвинителство сега води истрага под сомнение за повреда на полскиот воздушен простор и за предизвикување воздухопловна несреќа што ги загрозила животите и здравјето на многу луѓе.

Во Полска и во балтичките земји постојат стравувања дека Русија би можела да изврши провокации против територијата на НАТО поради нејзините тешкотии во војната во Украина.