Ниското ниво на Дунав ја загрозува АЕЦ „Пакш“: Унгарија бара од индустријата да го намали трошењето струја


Унгарската нуклеарна централа „Пакш“ може да престане со производство на електрична енергија во период од неколку недели поради ниското ниво на реката Дунав, која обезбедува вода за ладење на постројките – изјави денеска унгарскиот премиер Петер Маѓар.

На брифинг во рафинеријата на енергетската компанија МОЛ во Сазхаломбата, во близина на Будимпешта, Маѓар изјави дека нивото на Дунав се очекува дополнително да опадне, што може да ја загрози безбедната работа на централата.

Четирите реактори од руско производство во АЕЦ „Пакш“, со вкупна моќност од два гигавати, во моментов работат со помалку од 50 проценти од капацитетот, а според прогнозите би можеле целосно да бидат исклучени во понеделник. Реакторите ќе можат повторно да бидат пуштени во работа откако нивото на Дунав ќе се зголеми доволно за да се гарантира безбедно функционирање на енергетските блокови, но тоа, според Маѓар, не се очекува во следните неколку недели.

АЕЦ „Пакш“ произведува речиси половина од електричната енергија во Унгарија.

Унгарскиот премиер вчера изјави дека земјата може да ги задоволи енергетските потреби преку увоз и ги повика големите потрошувачи на електрична енергија да ја намалат потрошувачката во вечерните часови. Сепак, се очекува топлотниот бран да ја зголеми потрошувачката на електрична енергија во земјата за 20 проценти во вечерните пикови, што може да доведе до критична состојба.

За да се намали притисокот врз електроенергетскиот систем, Маџар повторно ги повика големите индустриски компании, вклучително и производителите на автомобили и батерии, доброволно да ја намалат употребата на електрична енергија и вода.

– Им се обраќам на големите компании со порака дека сè уште очекуваме да ги добиеме нивните планови за доброволно запирање на производството – изјави Маѓар.

Главниот извршен директор на МОЛ, Жолт Хернади, соопшти дека компанијата запира дел од своите постројки во земјата за да придонесе кон заштеда на енергија. Маѓар изјави дека МОЛ, еден од најголемите потрошувачи на електрична енергија во Унгарија, ја намалува потрошувачката за 40 проценти.

Компанијата „Самсунг СДИ“ соопшти дека нејзината фабрика за батерии во Ѓод, северно од Будимпешта, ќе ја намали потрошувачката на вода за 50 проценти и потрошувачката на електрична енергија за 10 проценти во критичните вечерни часови.