Спас од високите температури граѓаните на Минхен најдоа на реката Изар
Жителите на Минхен овие денови наоѓаат освежување од високите температури на реката Изар, додека Германија, заедно со голем дел од Европа, е погодена од еден од најинтензивните топлотни бранови во последните години.
Поради сончевото и екстремно топло време, бреговите на реката што тече низ баварската престолнина станаа едно од најпосетуваните места во градот. Додека некои се капеа во ладна вода, други го поминуваа времето на брегот, во сенка или на зелените површини покрај реката.
View this post on Instagram
Метеоролошките служби издадоа предупредувања за високи температури низ цела Германија, а во некои делови од земјата се забележани вредности над 35, а локално дури и 40 степени Целзиусови.
Властите ги повикаа граѓаните да избегнуваат да бидат на сонце во најжешкиот дел од денот, да пијат доволно течности и да се грижат за старите лица, децата и хронично болните.
Слична ситуација е забележана и во други европски земји, вклучувајќи ги Франција, Италија, Шпанија и Швајцарија, каде што високите температури доведоа до зголемен број граѓани на реките, езерата и јавните базени. Во некои региони беа забележани рекордни температури, а топлотниот бран предизвика прекини во сообраќајот и зголемено оптоварување на електричната мрежа.
Според прелиминарните податоци од Германската метеоролошка служба, синоќа беше најтопла во Германија откако се вршат мерења.
Највисоката минимална температура е забележана во Кубшиц во источна Саксонија, каде што живата во термометарот не падна под 29,4 степени Целзиусови во текот на ноќта.