Секој што нелегално доаѓа во ЕУ ќе биде вратен или во земјата на потекло или во еден „return hub“ вон ЕУ
Европа треба да испрати јасна порака дека секој што доаѓа нелегално во Европа ќе биде вратен или во земјата на неговото потекло или во еден „return hub“ во земја надвор од Европската Унија, порача министерот за миграција и азил на Грција Танос Плеврис по состанокот што го имал со неговите колеги од Германија, Австрија, Холандија и Данска со кои разговарале за центрите за враќање на мигранти (return hubs) во земји вон Европа, јави дописничката на МИА од Атина.
Средбата на министрите од петте земји на маргините на Советот за правда и внатрешни работи на Европската Унија, била со цел унапредување на заедничката иницијатива за создавање на центрите за враќање.
Плеврис рече дека на една седмица пред имплементирањето на Пактот за миграција, „многу важна е подготовката на државите, особено во овој период кога започнува да се финализира и регулативата за враќања на мигранти“.
Нагласи дека за да функционира Пактот за миграција, потребни се враќања, а „по завршувањето на регулативата, центрите за враќања, стануваат реалност.
Од Министерството за миграција и азил на Грција соопштија дека на средбата, министрите размениле мислења за достапните опции за развој на центрите за враќање, биле разгледани различни географски и оперативни сценарија, но и конкретни случаи на трети земји.
– Министрите се согласија дека предуслов за успехот на оваа иницијатива е тесната соработка со трети земји и силни правни гаранции, целосно усогласени со европското и меѓународното право. Во таа насока, тие се обврзаа да продолжат со заеднички дипломатски напори и политичка координација, со цел да се најде една или повеќе земји што ќе ги исполнуваат неопходните услови за овие структури, информираа од Министерството за средбата на надлежните министри од Грција, Германија, Австрија, Холандија и Данска.