Брутални судири меѓу демонстрантите и полицијата во Брисел (видео)


Во Брисел, главниот град на Белгија, денес избувнаа судири меѓу демонстрантите и полицијата за време на протестите против планираните реформи во образовниот систем, јавија белгиските медиуми.

Повеќе од 1.000 луѓе, претежно млади демонстранти, се собраа пред железничката станица „Брисел Централ“ за да протестираат против планираните реформи во образованието во франкофонската федерација Валонија-Брисел, а низ целиот белгиски главен град беа пријавени судири и немири.

 

Демонстрантите запалија барикади и велосипеди во близина на станицата „Брисел-Централ“, додека немири беа пријавени и на станицата „Сен-Жидун“ во Андерлехт.

Протестите против образовните реформи на владата на Федерацијата Валонија-Брисел предизвикаа прекини во работата на метрото и интервенцијата на полицијата, објавува „Брисел тајмс“.

Белгиската полиција сè уште не објавила информации за апсења или повредени.

Владата на Федерацијата Валонија-Брисел, која е одговорна за образованието на француски јазик во земјата, планира, меѓу другото, да ги зголеми годишните школарини за високо образование од 835 евра на околу 1.100 евра.