Пожар во катедрала на Црвениот плоштад во Москва (видео)


Во текот на ноќта избувна пожар во катедралата Свети Василиј Блажениот на Црвениот плоштад во Москва, но брзо беше ставен под контрола, јави руската државна новинска агенција ТАСС.

Причината за пожарот во оваа православна црква, симбол на руската престолнина со шарените куполи кои се издигнуваат над ѕидините на Кремљ, не е прецизирана. Подоцна беше соопштено дека пожарот е изгаснат.

Повикувајќи се на итната помош, ТАСС наведе дека пожарот избувнал во канцеларијата на управителот на катедралата и дека изгореле 10 метри квадратни.

Според првите информации, нема жртви, додаде истиот извор, истакнувајќи дека на местото на настанот се испратени 10 противпожарни возила.

Катедралата Св. Василиј, архитектонско чудо изградено во средината на 16 век, е ставена на листата на светско наследство на УНЕСКО во 1990 година заедно со Кремљ и Црвениот плоштад.