„Пипл“ ја избра Ен Хатавеј за најубава жена во 2026


„Пипл“  ја избра актерката Ен Хатавеј (43) за најубава жена во 2026, во традиционалниот избор. По тој повод, таа се фотографираше за насловна страница и даде големо интервју за магазинот во кое се осврна на својата кариера и откри некои досега непознати детали.

Ен вели дека самата себеси си е најстрог критичар, а со текот на времето ја напуштила идејата за совршенство, што ја направило полета, посамоуверена и побарана.

– Кога штотуку почнував, мислев дека ќе бидам подобра уметница ако бидам исклучително строга кон себе. А потоа, со наполнети 40 години, некако фатив поинаков ритам и престана да ме интересира да си го загорчувам животот. Само сакав да стигнам до оној забавниот дел – рекла актерката.

А тој дел токму сега трае. Од нејзината прва голема улога во филмот „Дневникот на принцезата“ од 2001 година и арт-филмовите како „Планината Броукбек“ и „Приказната за Џејн Остин“, па сè до блокбастерите како „Алиса во земјата на чудата“ и „Клетници“, за кој освои Оскар, Хатавеј стана една од најбараните холивудски актерки.

Само оваа година ѝ излегуваат пет филмови, вклучувајќи го и долгоочекуваното продолжение на „Ѓаволот носи Прада 2“, кое во кината пристигнува на 1 мај.

Да се врати на својата култна улога како Енди Сакс по 20 години, заедно со колегите Мерил Стрип, Емили Блант и Стенли Тучи, „беше едноставно прекрасно. Баш радосно“, вели таа.

– Понекогаш помислувате: „Ех, да можам да се вратам во оној момент со знаењето што го имам денес.“ Ова за мене беше можност повторно да бидам со истите луѓе, да се вратам во тој свет, но со малку повеќе животно искуство – рекла таа.

Актерката, која пораснала во Њу Џерси, најголемиот дел од заслугите за тоа што е цврсто на земја му ги припишува на својот „партнер од соништата“, сопругот Адам Шулман (45), дизајнер на накит и филмски продуцент со кого е во брак 13 години, како и на нивните синови, десетгодишниот Џонатан и шестгодишниот Џек. Сепак, признава дека и покрај сите успеси, и понатаму постои „непрестана борба“.

– Постојано си на работ. Паѓаш, па некако повторно се креваш. Но, јас го сакам тоа. Го сакам ризикот. Мислам дека најдоброто на што можам да се надевам, ако имам среќа да продолжам да работам, е на крајот да се осврнам и да кажам: „Гледај, успеав.“ -рекла таа.

На прашањето како ја дефинира убавината, Хатавеј одговара: „Еден филмаџија еднаш ми рече: ‘Убавината може да содржи грдотија сè додека содржи вистина.’ Така што за мене убавината секогаш се движи во тие рамки.“ Кога станува збор за женските пријателства, најмногу го цени хуморот.

– Сакам да се смеам и ги сакам луѓето кои во секоја ситуација бараат нешто смешно. Сакате луѓе со кои можете да ги славите успесите и да се смеете низ неуспесите. Исто така барам дискретни личности. Знаете што друго ценам кај пријателите? Некого кој ќе ви каже дека имате семе од мак меѓу забите – открила таа.

Желбата за глума ја почувствувала уште на тригодишна возраст.

– Мајка ми е актерка и настапуваше во театарот Аленбери во претставата „Евита“. Ја глумеше Ева Перон, а татко ми вели дека по претставата ме прашал: „Па, што мислиш?“ Мојот одговор наводно бил: „На сцената имаше деца. Јас би требало да бидам едно од нив.“ Морам да кажам, ми се допаѓа храброста на таа мала јас. Сепак ме кочеа уште десетина години. Потоа сама си најдов агент – раскажала Ен.

Признава и дека ја имала најдолгата „несмасна фаза“ во Холивуд.

– Со децении. Мислам дека мојата се протегаше до доцните триесетти години. Едноставно никаде не се чувствував пријатно, не можев да се снајдам. Како дете имав проблеми со говорот, па чувствував одреден стрес и тегобност околу комуникацијата – рекла таа.

Иако повторно „влегува во чизмите“ на Шанел како Енди Сакс, со задоволство се сеќава на снимањето на првиот филм.

– Обожавав да го снимам првиот дел. Знам дека бев под стрес и напната, но тоа е едно од најзабавните искуства досега поради луѓето со кои работев. Емили Блант е личност од соништата. Стенли е толку духовит и брз, а Мерил… не ѝ кажувам колку ја обожавам, но ја обожавам. Таа е некој на кого му се восхитувам. Некој кој дефинира како се работи оваа работа. Некој кој едноставно живее со големина и никогаш не спие на ловорики, туку секогаш се труди да се развива како уметник. Неверојатна е – рекла актерката.

Се присети и на промоцијата на филмот „Подемот на витезот на темнината“ во 2012 година, кога големо внимание се посветуваше на нејзиното тело и костимот на Жената-мачка.

– Ми пречеше само кога луѓето тоа го поврзуваа со прашањето: „Колку мораше да ослабеш за да собере во костимот?“ Се чувствував заштитнички бидејќи режисерот Кристофер Нолан експлицитно ми рече: „Не ми е грижа дали ќе ослабнеш, но сакам да можеш да ги изведуваш сите твои каскадерски сцени.“ Затоа не ми се допаѓаше начинот на кој беше поставено прашањето: „Колку мораше да ослабеш?“, а не ‘Колку мораше да зајакнеш за таа улога?“ – објаснила таа.

За стареењето сега размислува поинаку.

– Мораш посериозно да ја сфатиш грижата за себе. Во четириесеттите имаш можност да видиш како одредени одлуки со текот на времето донеле резултати. И тогаш можеш да процениш дали сакаш да продолжиш со нив или е време за нови. Една од работите што ги сакам кај моите четириесетти години е што работите повеќе не ме „понесуваат“. Пред тоа не го разбирав изразот „земи со резерва“. Секој подем беше толку висок, секој пад толку низок. Сега навистина ја ценам смиреноста. Тешко е стекната и навистина ја вреднувам – заклучила актерката.