Пакистан нападнал цели на милитантите во Авганистан, има неколку убиени терористи
Пакистан повторно нападна цели во соседен Авганистан, објаснувајќи дека нападнал скривалишта што ги користат милитантите, вклучувајќи ги и пакистанските талибанци.
Пакистанскиот министер за информации, Атаула Тарар, доцна синоќа на Икс изјави дека безбедносните сили спровеле копнена операција по должината на пакистанско-авганистанската граница, пренесе ДПА.
Потоа следеа напади врз скривалишта и бази во пограничниот регион што го користат милитантите, вклучувајќи ги и пакистанските талибанци, познати и како Техрик-е-Талибан Пакистан (TTP), рече тој.
Според Тарар, три цели биле уништени во авганистанските провинции Пактија, Пактика и Кунар, а неколку осомничени терористи биле убиени, опишувајќи ги нападите како одговор на неодамнешните терористички напади во Пакистан, вклучувајќи го и инцидентот во пристанишниот град Карачи во саботата во кој беа убиени тројца припадници на безбедносните сили, пренесе ДПА.
Првично немаше официјален коментар од владејачките исламистички талибанци во Авганистан. Локалниот радиодифузер Толо Њуз објави дека во воздушни напади биле убиени повеќе од 30 лица, а над 100 се повредени.
Нуклеарно вооружен Пакистан и Авганистан од крајот на минатата година постојано разменуваат оган на границата и во внатрешноста на двете земји.
Исламабад го обвинува Кабул дека им обезбедува засолниште на милитанти кои извршуваат напади во Пакистан. Кабул го негира обвинувањето, потсетува ДПА.