Од денес нови правила за автомобили во ЕУ


Европската комисија објави дека од 7 јули 2026 година ќе стапат во сила нови правила за безбедност на возилата, според кои сите нови патнички автомобили и комбиња пласирани на пазарот на Европската унија мора да бидат опремени со дополнителни системи за заштита на возачите, патниците и пешаците.

Според Европската комисија, целта на новите регулативи е попаметните возила да придонесат за побезбедни патишта и намалување на бројот на сообраќајни несреќи.

Кои системи ќе станат задолжителни?

Според новите правила, сите нови патнички автомобили и лесни комерцијални возила ќе мора да имаат:

напреден систем за сопирање во итни случаи кој ги детектира пешаците и велосипедистите

систем за предупредување од одвлекување на вниманието на возачот

подобрена видливост пред возилото за поголема безбедност на патот

нови безбедносни тестови за истрошени гуми

продолжена површина од безбедносно стакло, дизајнирана да обезбеди поголема заштита на пешаците во случај на судир

Целта е да се намалат смртните случаи и повредите на патиштата

Европската комисија истакнува дека развојот на технологијата им овозможува на автомобилите активно да им помагаат на возачите во спречувањето на несреќи, особено кога станува збор за најранливите учесници во сообраќајот, како што се пешаците и велосипедистите.

Новите правила се дел од поширока европска стратегија за подобрување на безбедноста на патиштата и развој на интелигентни возила, со цел дополнително намалување на бројот на фатални и сериозни сообраќајни несреќи во наредните години.