Новинарката Дафне Каруана врескала во паника пред експлозијата во која беше убиена


Неколку моменти пред експлозијата во која беше убиена Дафне Каруана Галиција, новинарката врескала во паника, изјави сведок на судењето на човекот обвинет за нарачување на нејзиното убиство.

Каруана Галиција беше убиена во 2017 година од далечински детонирана бомба поставена под возачкото седиште на нејзиниот автомобил, откако напиша серија извештаи за политичката и финансиската корупција во Малта. Справувањето со истрагата од страна на владата доведе до масовни протести и на крајот до оставка на малтешкиот премиер, Џозеф Мускат.

Јорген Фенех, наследник на богатство од имот и хотели, е еден од седумте мажи обвинети од обвинителите за вмешаност во убиството и последниот што се соочи со судење. Поротата положи заклетва минатата недела по макотрпен правен процес и речиси девет години по нејзината смрт. Фенех се соочува со доживотна казна затвор доколку биде осуден. Во четврток, судот беше информиран за моментот кога Каруана Галиција почина, од сосед кој бил сведок на тоа.

Новинарката штотуку излегла од својата куќа во селото Биднија и свртела на главниот пат. Соседот, Франсис Сант, возел во спротивна насока и ја видел како доаѓа кон него.

„Сфатив од лицето во автомобилот – почувствував дека нешто ѝ се случило. Изгледаше панично.“

Сант рече дека го запрел автомобилот, а потоа опишал нешто што изгледа како двостепена експлозија. Првата детонација ја оставила жртвата свесна и во страв за својот живот, рече тој.

„ Помислив, што ѝ е? Поминаа неколку секунди – работите се случија толку брзо. Ја видов првата искра под нејзиниот автомобил, како огномет за прослава. Сè уште беше свесна. Ја слушнав како вреска. Прозорецот ѝ беше отворен, можеби во паника се обиде да го спушти прозорецот и да излезе.Кога се случи таа прва искра мислам дека или почувствува нешто, можеби бомбата се активираше. Сфати дека нешто не е во ред. Потоа, голема експлозија излезе низ шофершајбната.Автомобилот излезе од контрола. Втората експлозија го распарчи. Одлета во полето, каде што се формираше уште една огнена топка… Автомобилот буквално беше распарчен.“

Сант рече дека излегол од својот автомобил, но не ги повикал веднаш службите за итни случаи.

„Знаев дека нема надеж. Дури и не помислив на мојот телефон.“

Судот, исто така, сослуша и неколку полицајци, кои беа меѓу првите на местото на настанот.Наредничката Сузане Мифсуд, која пристигна 20 минути по експлозијата, опиша што видела кога стигнала до полето каде што завршил автомобилот на Каруна Галиција.

„Кога пристигнав на местото на настанот, можев да го видам автомобилот на жртвата на полето од левата страна. Беше целосно уништен. Имаше кров кој беше разнесен. Ова не беше обичен пожар. Беше бомба. Почнав да снимам детали. Забележав регистарска табличка… Понатаму, имаше голем број делови од телото на жртвата.“

Судот замолкна додека на поротниците им беа прикажани фотографии од местото на настанот од страна на инспекторот Кевин Маниколо.Имаше слики од изгореното тело на жртвата, на кои се гледаше како е извадено од возилото и поставено на бел чаршаф. Фотографиите од воздух покажаа кратер на патот, означувајќи ја локацијата на експлозијата.

Фенек, кој е на суд за соучество во доброволното убиство на Каруана Галиција, ги негира обвиненијата. Судењето продолжува.