Мерц одлучи: Речиси една петтина од буџетот е за одбрана
Владата на германскиот канцелар Фридрих Мерц го усвои нацрт-федералниот буџет за 2027 година, кој предвидува дека за одбрана ќе бидат издвоени 109,7 милијарди евра.
Поточно, речиси една петтина од вкупните државни трошоци, како дел од планот за забрзано зајакнување на воените капацитети и исполнување на новата цел на НАТО за распределба на средствата за одбрана.
Според нацрт-буџетот, кој денес беше одобрен од кабинетот, вкупните расходи на федералната влада во 2027 година ќе изнесуваат 555,4 милијарди евра, од кои 109,7 милијарди евра, или околу 20 проценти, ќе бидат издвоени за одбрана, пишува бриселскиот „Политико“.
Германската влада проценува дека до крајот на деценијата, средствата за одбрана ќе достигнат 183,7 милијарди евра, што ќе претставува речиси една третина од планираниот федерален буџет од 635,4 милијарди евра во 2030 година.
Германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл, презентирајќи го нацрт-буџетот, изјави дека земјата треба на краток рок да надомести за децениите занемарување на инвестициите во Бундесверот, федералните вооружени сили на Германија.
„Не можеме да се одбраниме од (рускиот претседател) Владимир Путин со избалансиран буџет. Мораме што е можно поскоро да надоместиме за трите децении во кои нашите вооружени сили беа намалени поради буџетски ограничувања“, рече Клингбејл.
Многу гастарбајтери ја напуштаат Германија: Еве каде одат
Сепак, останува неизвесно дали јавноста ќе поддржи зголемени воени трошоци на долг рок, особено имајќи предвид дека, според аналитичарите, Министерството за финансии ќе мора да ги намали средствата во други области во наредните години.
За да стапи на сила, нацрт-буџетот на федералниот буџет за 2027 година мора да добие поддршка од Бундестагот, а гласањето се очекува на есен.
Како што забележува бриселскиот портал, нацрт-буџетот беше презентиран пред самитот на НАТО оваа недела во Анкара, каде што европските лидери ќе се обидат да му покажат на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, дека се подготвени да ги зголемат воените трошоци и да преземат поголема одговорност за безбедноста на Европа.
Минатата недела, Трамп повтори на својата социјална мрежа Truth Social дека САД издвојуваат повеќе средства за НАТО од која било друга членка и дека, како што изјави, тие не добиваат соодветна корист од тоа, оценувајќи дека распределбите на одредени европски земји, вклучително и Германија, се „смешни“.