Кувајт повторно под напади, сирените ноќеска се огласија и во Бахреин по новите американски удари врз Иран


Каиро – Кувајт втора ноќ последователно е цел на напади, откако американската војска изврши нова серија удари врз цели во Иран.

Воздушната одбрана на Кувајт пресретнала ирански ракети и беспилотни летала, се посочува во армиското соопштение објавено рано изутринава преку платформата „Икс“. Засега нема дополнителни детали за нападите.

Сирените за воздушна опасност повторно се огласија и во Бахреин, како и претходната ноќ. Министерството за внатрешни работи ги повика граѓаните да побараат засолниште и да останат смирени.

Кувајт, Бахреин и други земји од Заливот, во повеќе наврати беа цел на ирански напади. Во двете држави сојузнички на САД има американски воени бази, лоцирани на само неколку стотици километри од Иран.

Американската војска започна нова серија воздушни напади врз Иран во текот на ноќта, наведувајќи дека целта е ограничување на способноста на Техеран да го наруши поморскиот сообраќај низ Ормуската Теснина.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, предупреди дека ќе следуваат уште потешки напади доколку Иран продолжи со нападите врз бродови.