Европската комисија ги повика „штедливите“ членки да не го намалуваат буџетот на ЕУ
Брисел – Европската комисија ја повика групата земји членки на Европската Унија кои се залагаат за помал заеднички буџет, да се откажат од барањата за дополнително намалување на финансиската рамка на ЕУ, предупредувајќи дека таквиот потег би го загрозил финансирањето на новите приоритети, вклучувајќи ги безбедноста, конкурентноста и истражувањата.
Европскиот комесар за буџет, Пјотр Серафин, на годишната конференција посветена на Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) изјави дека кратењето на предложениот седумгодишен буџет на Европската Унија за периодот од 2028 до 2034 година би ја ограничило способноста на Унијата да одговори на новите предизвици и би ги принудило земјите членки да ја зголемат сопствената јавна потрошувачка, пренесува Еурактив.
Серафин предупреди дека намалувањето на заедничкиот буџет на крајот би можело да ги чини повеќе европските даночни обврзници, бидејќи националните влади би морале поединечно да ги финансираат истите проекти и да се задолжуваат под понеповолни услови.
– Поштедливиот буџет на Европската Унија не мора нужно да биде поевтин за европските даночни обврзници. Во многу области, алтернативата за европското финансирање не е отсуството на инвестиции, туку националната потрошувачка. Одбраната, енергетската безбедност и истражувањето и развојот ќе мора да бидат финансирани на еден или друг начин. Прашањето е само дали тоа ќе го правиме заедно или одделно – рече Серафин.
Тој оцени дека заедничкото финансирање не е само поефикасно, туку и поевтино.
– Како што ќе напредуваат разговорите за нашиот предлог, мора да ја имаме предвид врската меѓу штедливиот и модерниот буџет. Вистина е дека поштедливиот буџет на Европската Унија не мора нужно да биде и помодерен, бидејќи постои ризик токму новите приоритети први да бидат на удар на буџетските кратења – нагласи Серафин.
Неговите изјави уследија откако Кипар, кој вчера го препушти претседавањето со Советот на Европската Унија на Ирска, минатиот месец предложи намалување од два отсто на буџетот на Европската комисија, вреден 1,76 трилиони евра за периодот по 2028 година. Предлогот на Никозија, како што појаснува Еурактив, предвидува најголемиот дел од заштедите да се остварат со намалување на средствата наменети за новите области, пред сè за конкурентноста и надворешното дејствување на Европската Унија.
Таквиот предлог наиде на остри критики од фискално конзервативните земји членки, меѓу кои се Германија, Холандија и Шведска, кои во буџетот на Европската Унија уплаќаат повеќе отколку што добиваат од него и кои бараат подлабоки кратења во традиционалните области на потрошувачка, како што се земјоделството и регионалниот развој.
За време на последниот самит на ЕУ, одржан на 18 јуни во Брисел, лидерите на 17 земји членки на Европската Унија здружени во групата „Пријатели на кохезијата“ побараа зголемување на средствата за кохезионата политика, земјоделството и регионалниот развој во следниот повеќегодишен буџет на ЕУ за периодот 2028-2034 година.
Како што пренесе Јуроњуз (Euronews), „пријателите на кохезијата“ се одлучни да задржат единствен став за време на преговорите, за кои се очекува да продолжат и следната година, бидејќи таканаречените „штедливи“ земји инсистираат на намалување на буџетот на ЕУ, особено за кохезионата политика и Заедничката земјоделска политика (ЗЗП).
Овие земји на крајот на мај усвоија заедничка декларација со која бараат зголемување на средствата за земјоделството и кохезионата политика, предупредувајќи дека предлогот на Европската комисија предвидува значително намалување на нивниот удел во вкупниот буџет. Иако земјоделството и регионалниот развој остануваат најголеми буџетски ставки, нивниот удел според предлогот на Комисијата за периодот 2028-2034 година би паднал од приближно 60 отсто во сегашниот буџет на 44 отсто.