ЕУ испраќа пет милиони евра итна помош за Венецуела
Европската Унија ја засилува меѓународната поддршка за Венецуела по разорните земјотреси, издвојувајќи пет милиони евра итна хуманитарна помош за погодените подрачја. Во земјата веќе пристигнуваат спасувачки тимови, медицински персонал и дополнителна опрема, додека потрагата по преживеани продолжува.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, соопшти дека средствата ќе бидат наменети за помош на заедниците кои претрпеа најголеми штети од катастрофалните земјотреси, објави 4news.mk
Таа информираше дека разговарала со привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, при што ја изразила солидарноста на Европската Унија со венецуелскиот народ.
„Го активиравме Механизмот на ЕУ за цивилна заштита, а неколку земји членки веќе испратија тимови за потрага и спасување, пожарникари и медицински персонал“, објави Калас.
Според неа, европскиот сателитски систем „Коперникус“ се користи за проценка на штетите и за насочување на помошта кон најпогодените области.
Според официјалните податоци, најмалку 1.430 лица загинаа во двата силни земјотреси со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени што ја погодија Венецуела во средата. Повеќе од 50.000 лица и натаму се водат како исчезнати.
Обединетите нации проценуваат дека последиците од катастрофата погодиле околу седум милиони луѓе, додека спасувачките екипи продолжуваат со трката со времето во потрага по преживеани под урнатините.