Експлозија го потресе Монако – меѓу тројцата повредени и еден од најбогатите Украинци


Богат украински бизнисмен е еден од тројцата повредени во експлозија на влез во станбена зграда во Монако, покажуваат денешните медиумски извештаи,  додека властите ги истражуваат причината за инцидентот и го бараат осомничениот.

Властите во кнежеството соопштија дека три лица се ранети, а локалните медиуми објавија дека две се во критична состојба. Идентитетите на жртвите не се официјално потврдени, пишува ДПА.

Но, еден од тешко повредените е украинскиот олигарх Вадим Јермолаев, кој престојува во Монако како „ВИП бегалец“ од почетокот на војната во Украина, изјавил извор близок до истрагата за „Ле Фигаро“. Во моментот на експлозијата, тој се враќал во зградата каде што живеат со својата партнерка и синот тинејџер. Во експлозијата повреди и шок претрпеле и други лица.

Претседателот на владата на Монако, Кристоф Мирманд, изјави за француската телевизија BFMTV дека три ранети лица се пренесени во болница по експлозијата што се случи синоќа околу 21 часот.

Мирманд одби да потврди дали станува збор за напад.

Тој додаде дека инцидент од ваков вид никогаш не се случил во кнежевството.

Медиумите објавија дека експлозивна направа била детонирана на влезот од зградата. Кратко пред експлозијата, CCTV камерите снимиле лице како остава ранец на местото на настанот, а потоа бега, пренесе БФМТВ, кој се повикува на безбедносните власти во Монако и регионалниот весник Монако-Матин.

Полицијата сè уште го бара осомничениот.

Фотографиите објавени од медиумите покажуваат маж како трча со црна капа на главата.

Станбената зграда се наоѓа на плоштад во близина на границата со Франција, а осомничениот наводно избегал пеш кон францускиот град Босолеј.

Мирман рече дека околу 50 пожарникари и над 80 полицајци дошле на местото на настанот. Француските служби за итни случаи, исто така, помагаат, според извори во француското Министерство за внатрешни работи, а француската и полицијата на Кнежеството Монако започнале заедничка операција за пронаоѓање на осомничениот.

Принцот Алберт II, во соопштението што го објави во текот на ноќта,  инцидентот го опиша како „криминална експлозија“ и „шок за целата заедница во Монако“, додавајќи дека сите релевантни владини служби се активирани во тесна соработка со француските власти за да ги идентификуваат одговорните.

Ерик Чоти, градоначалникот на блискиот француски град Ница, во објава на Икс нападот го нарече „трагедија што го погоди Монако“. Тој изрази поддршка за службите за итни случаи, пренесува ДПА.