Дебакл: Само 20 отсто од Алжирците излегле на изборите


 Излезеноста на парламентарните избори во Алжир вчера беше 20,79 отсто, покажуваат прелиминарните податоци изнесени од властите, што претставува историски најниска стапка, објавија  француските медиуми.

„Овие бројки се прелиминарни“, изјави доцна синоќа Карим Хелфане, привремениот претседател на Независниот национален изборен орган (АИНЕ). „Тие сигурно ќе се менуваат и ќе варираат“, додаде во соопштение објавено на Фејсбук страницата на изборниот орган.

Неподготвеноста на гласачите да излезат на гласачките места беше еден од главните проблеми на овие избори. Гласачките места беа отворени еден час подолго низ целата земја „за да им се овозможи на гласачите да го остварат своето право на глас“, додаде АИНЕ.

Речиси 25 милиони Алжирци имаа право да гласаат за да ги изберат своите претставници, по слабата кампања, објавија француските медиуми.

Се очекува партиите поврзани со владата, како што е Националниот ослободителен фронт (NLF), да доминираат во новото Национално народно собрание (Долниот дом на парламентот), освен ако нема изненадувања.

Изборите се одржаа во услови на контроверзии околу откажувањето на околу една третина од кандидатските листи, при што неколку партии го осудија нивното исклучување од одредени области, особено во главниот град.

Во Долниот дом има вкупно 407 места. Пратениците имаат петгодишен мандат. Се очекува резултатите да бидат објавени во наредните денови.