Црвениот крст упати итен апел за помош по разорните земјотреси во Венецуела
Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина (ИФРЦ) денеска упати итен апел за обезбедување помош за Венецуела по двата силни земјотреси што во средата погодија делови од земјата.
Со апелот се бараат 50 милиони швајцарски франци (околу 61,8 милиони американски долари) за помош на 300.000 луѓе, при што првичните активности ќе бидат насочени кон најтешко погодените подрачја Ла Гваира и Голем Каракас.
Според венецуелските власти, во земјотресите загинале најмалку 235 лица, а околу 4.300 се повредени.
– Овие земјотреси имаа разорно влијание врз народот на Венецуела. Животите на десетици илјади луѓе засекогаш се променија – изјави генералниот секретар на ИФРЦ, Џаган Чапагаин.
Венецуелскиот Црвен крст од првиот ден спроведува операции за пребарување и спасување, укажување прва помош, психолошка поддршка, повторно обединување на разделени семејства и проценка на штетите, иако дел од неговите волонтери исто така се погодени од катастрофата.
– Тимовите на ИФРЦ и на Венецуелскиот Црвен крст реагираа веднаш. Вредноста на постојаното присуство на локалните тимови веќе се покажа како клучна – рече Чапагаин.
Тој нагласи дека катастрофа од вакви размери не може да биде товар само на локалните служби и ја повика меѓународната заедница да го поддржи апелот.
Федерацијата соопшти дека денеска ја испрати првата пратка хуманитарна помош од својот логистички центар во Панама – 17 тони материјали, меѓу кои кујнски прибор, хигиенски пакети и мрежи против комарци.
Во првите часови по катастрофата, ИФРЦ од својот Фонд за итен одговор при катастрофи издвои и два милиона швајцарски франци.
Седиштето на Венецуелскиот Црвен крст претрпело сериозни оштетувања, а дел од волонтерите ги загубиле своите домови. Неговите болници, клиники и служби за итна медицинска помош и натаму го поддржуваат преоптоварениот здравствен систем во земјата.
Средствата од апелот ќе бидат наменети за обезбедување привремено сместување, здравствена заштита, полски болници, психосоцијална поддршка, вода и санитарни услуги, хуманитарни пакети, парична помош и услуги за повторно обединување на семејствата.
Федерацијата соопшти и дека друштвата на Црвениот крст во 10 земји од Латинска Америка активирале услуги за повторно поврзување на семејствата разделени по катастрофата, во услови на сериозни прекини на комуникациите.