Андреас Трајковски ја отвора сезоната со амбиции за нов македонски рекорд и настап на ЕП во Бирмингем
Во пресрет на претстојниот сениорски куп на Македонија во атлетика, беше најавен почетокот на новата натпреварувачка сезона за македонскиот рекордер во скок во далечина Андреас Трајковски, како и новото партнерство помеѓу АК Работнички и Jumpers World Sportswear.
– Андреас се наоѓа во одлична форма и очекуваме оваа сезона да го покаже најдоброто во својата дисциплина – скок во далечина. Со настапот на сениорскиот куп на Македонија, кој овој викенд се одржува во Скопје. Тој ја отвора натпреварувачката сезона на отворено. Во следниот период го очекуваат неколку меѓународни настапи, а главната цел е да обезбеди пласман преку ранкинг системот за претстојното Европско првенство во атлетика во Бирмингем, по што следува и настап на Медитеранските игри во Таранто, Италија, каде што целта ќе биде борба за медал“, посочи претседателот на клубот Кире Синадиновски.
На пресот беше претставено и новото партнерство кое го поврзува спортскиот бренд на Андреас Трајковски со клубот, како и иницијативата за поддршка на младите атлетичари.
Претседателот на клубот ја истакна го истакна и партнерството помеѓу Jumpers World Sportswear — спортскиот бренд на Андреас Трајковски — и Атлетскиот клуб Работнички.
– Оваа соработка претставува заедничка визија за амбиција, дисциплина и континуиран развој на атлетиката, како на тартанот, така и надвор од него. Андреас одлучи да донира спортска опрема за младите и талентирани атлетичари од клубот, со цел дополнително да ги мотивира и поддржи во остварувањето на што подобри резултати во нивните кариери“, истакна Синадиновски.
Трајковски истакна дека во новата сезона очекува дополнително да го подобри сопствениот македонски рекорд во скок во далечина.
– Се чувствувам одлично и во оваа натпреварувачка сезона очекувам да го надминам мојот најдобар резултат кој е и македонски рекорд во скок во далечина од 7.91 метри, а зошто да не и да ја прескокнам „магичната“ граница од 8 метри. Се надевам дека ќе обезбедам пласман за Европското првенство во Бирмингем, а таму мојата цел ќе биде да влезам во уште едно финале за Македонија, како што беше случај минатата сезона на Европското првенство во сала во Холандија, и да ја направам горда македонската спортска јавност.
Македонскиот рекордер во скок во далечина се осврна и на новото партнерство помеѓу неговиот спортски бренд и клубот, како и на значењето на поддршката за младите атлетичари.