Лазар Еленовски му напиша отворено писмо на премиерот
Поранешниот министер за одбрана на Македонија и амбасадор во Белгија, Лазар Еленовски, му напиша отворено писмо на премиерот Христијан Мицкоски сумирајќи ја неговата двегодишна работа по силните најави за реформи во два збора – дека „ништо не е сменето“.
Според него, Македонија продолжува да ја живее истата сива реалност како претходно, на разградена држава со нефункционални и неорганизирани институции, паднати стандарди и безредие во скоро секоја област, партиска корупција и тендери, провинциска политика отуѓена од реалните потреби на граѓаните како и од светските трендови, загадување во секаква смисла, разочараност и летаргија кај граѓаните.
На премиерот лично му препиша продолжување на непотребната и штетна политичка поларизација, отсуство на државничко чувство и лидерство за состојбите и предизвиците на државата, многу популизам и ниски стандарди во практицирањето политика за кои како што вели тој лично дава пример.
Констатирајќи дека ништо од тоа сепак не го изненадува, тој сепак порача дека бил фрапиран од чисто човечки аспект од отсуството на елементарно човечко сочувство и емпатија кај него, кај нашата влада, од последната светска трагедија во Газа.
„Се навршија две години од последните парламентарни избори кога народот на Македонија во големо мнозинство ви ја даде поддршката. Таа поддршка пред се беше резултат на катастрофалните политики на Вашите претходници, олицетворени во неспособноста и корупцијата во владеењето на Зоран Заев и Артан Груби. Вие бевте единствената реална опција и совесните и загрижени граѓани на државата создадоа можност за формирање на стабилна влада која ќе ги овозможи насушно потребните реформски политики за извлекување на државата од хаосот во кој се наоѓа. Вашата трипартитна коалиција го реализира тој нужен предуслов за стабилна влада.
Изминатите две години, можеби и предолго, се воздржував од било каква реакција, за да се уверам по кој пат ќе тргнете. Дали по потешкиот, по патот на реформите, трансформацијата на општеството, воспоставувањето стандарди, ред и правда во државата, или сега на власт, ќе го повторите многу полесниот пат на (зло)употреба на власта за самоодржување преку популизам и партиска корупција. Затоа сега со писмото би сакал накратко и јавно да ви соопштам неколку согледувања за вашето досегашно фунционирање,
Најпрво, НИШТО НЕ Е СМЕНЕТО. Македонија продолжува да ја живее истата сива реалност како претходно, на разградена држава со нефункционални и неорганизирани институции, паднати стандарди и безредие во скоро секоја област, партиска корупција и тендери, провинциска политика отуѓена од реалните потреби на граѓаните како и од светските трендови, загадување во секаква смисла, разочараност и летаргија кај граѓаните итн.
Мене ми е сосема јасно дека промените не се случуваат преку ноќ, но главна работа што отсуствува е што јавноста во изминатиот период не препозна никаква нова визија, нова енергија за развој на државата, нова политичка култура, посветеност кон реформи, односно не доби искра на надеж дека нешто треба да очекува различно да се случи.
Ве слушав лани за време на кампањата за локалните избори зборувавте дека после изборите ќе направите „ресет на системот“, но за истиот ресет зборувавте (и зборувавме) и пред две години. Зарем ги изгубивме како држава и Вие како влада за ништо овој половина мандат, кога добро знаеме дека во почетокот на мандатот на секоја влада се поставуваат темелите на секоја политичка визија и се започнуваат најтешките реформи?
Ако „по утрото се познава денот“, а веќе сме пладне, останува мала надеж за граѓаните дека треба да очекуваат нешто поразлично од претходно. За некаква ренесанса не станува ни збор. Единствена вистинска позитивна промена која е видлива во овие две години е проектот Сејф Сити кој може многу да придонесе во расчистување на сообраќајниот хаос кој владее во државата.
Второ, ОТСУСТВОТО НА ПРАВДА И НЕКАЗНИВОСТА, се можеби најдлабоките рани во системот кои со вашите владини партнери ветувавте дека борбата со нив ќе ви биде приоритет. Функционирањето на правната држава е основен темел на секоја држава и општество. Чувството на беспомошност и трулост на партизираниот систем кое доминира кај македонските граѓани останува како што беше и со вашите претходници. Тоа чувство е уште повеќе засилено по големата трагедија во Кочани бидејќи излегоа на површина сите морничави слабости на системот.
Борбата со корупцијата која ветувавте дека ќе биде вашиот главен приоритет е обезличена. Во секое демократско општество владата е носител на тој процес, со системско надградување и зајакнување на државните институции, јаки антикорупциски мерки и поставување и одржување на високи стандарди. Граѓаните не само што гледаат дека нема ништо од тоа, туку напротив во случаите на висока корупција главните криминалци јавно им пркосат со нивните ферари, јахти и парадирање преку граници, а соодветната реакција од ваша страна не само што отсуствува, туку се појасно ве воведува во позиција на активен соучесник.
Трето, СЛАБИОТ КАДРОВСКИ СОСТАВ во владата и во останатите лостови на власта се појасно излегува на површината и е дополнителен фактор за состојбата и доказ за реформскиот недостаток. Окруженоста со најблиските партиски соработници, ја повторува истата грешка како во минатото дека кога медиокритетството го зазема централното место поради лојалноста, трпи напредокот на државата. Со исклучок на еден-двајца, ретко кој од Вашиот тим знае што се случува и што треба да прави во неговиот ресор.
За кадровската слабост доказ е и отсуството на економски тим во владата кој енергично би се фатил во коштец со економските предизвици со цел забрзување на економскиот развој на државата. Во ситуација на блокирани европски интеграции, што значи и европски фондови и отсуство на нови странски директни инвестиции, тоj пристап се повеќе се наметнува.
Иако со се поограничени човечки ресурси, Македонија сепак располага со многу квалитетни луѓе во различни области. Нивното невклучување и неискористување на нивниот капацитет може да биде само штета за државата, ако државата се води за државните, а не други интереси.
Четврто, БЛОКИРАЊЕТО НА ЕВРОПСКИОТ ПАТ пред кој се наоѓаме ќе има далекусежни последици за граѓаните и државата. На државата не и треба нов десетгодишен серијал на предавници и патриоти, бидејќи токму тој пат е најмалку патриотскиот.
Конкретно, уште на почетокот тврдевте дека може да ги започнеме преговорите за европска интеграција преку промена на преговарачката рамка. Уште тогаш на некои од нас ни беше јасно дека не може, бидејќи претходната влада на РСМ, колку и да сметавме дека направи огромна грешка, таа (владата, не партијата) потпиша договор со ЕУ. Имавте право и можност во овие две години како нова влада да се обидете и да го докажете вашето тврдење. Но тоа не се случи. Денес се соочуваме со истиот и уште поцврст став на ЕУ, заради вашата политичка и дипломатска активност, дека мора да се направат уставните измени за да почнат преговорите.
Како и да е, со добра стратегија и умешна дипломатија сметам дека сеуште има доволно време и простор да се врати поволната состојба на државата за нејзината европска интеграција и исто така да се фати приклучокот со државите од регионот кои се пред нас во процесот.
И неколку зборови за Вашето барање за гарантирање на македонскиот идентитет на кое инсистирате. Идентитетот е внатрешно чувство кај поединецот на припадност кон одредена група. Јас немам никаков проблем со мојот идентитет бидејќи самиот знам многу добро што сум, не ми треба некој друг да ми кажува што сум и да ми гарантира за мојот идентитет. Гаранции за сопствениот идентитет не само што не се бараат од други, туку е сопствено девалвирање и недостаток на самодоверба. Таквото барање е всушност порака дека вие самите не сте сигурни во вашиот идентитет.
Петто, пред изборите, во опозиција, ветувавте НОВА ПОЛИТИЧКА КУЛТУРА И АМБИЕНТ во државата, повисоки стандарди во вршењето на јавната функција, департизација на системот, апелиравте дека треба националните интереси да ги градиме врз база на национален консензус и сл. Денес, сведоци сме дека од целиот тој, би рекол, реформски пакет на нова политичка надеж не остана ништо. Во реалноста, само ги продолживте старите практики со непотребната и штетна политичка поларизација, отсуство на државничко чувство и лидерство за состојбите и предизвиците на државата, многу популизам и ниски стандарди во практицирањето политика, во кои, за жал, и Вие самите давате личен пример.
За крај, ГАЗА. За претходно изнесеното може да кажеме дека не е нешто ново што не сме го виделе во нашата жална Македонија. Но еден момент за време на вашето двегодишно владеење посебно ме фрапира од чисто човечки аспект, а тоа е отсуството на елементарно човечко сочувство и емпатија кај Вас, нашата влада, од последната светска трагедија, страдања и колективна несреќа на палестинскиот народ. Десетиците илјади цивилни жртви, од кои огромен дел деца, многу повеќе повредени, цел еден народ тактички изгладнет, раселен, со уништени домови, и целосно разурната цивилна инфраструктура, сето тоа вас ве остави рамнодушни.
Уште повеќе, вашите гласања во Обединетите Нации против нивните основни човекови права и слободи кои се косат со меѓународните принципи и право, што е опасна практика посебно за мала држава како нашата, направија голема штета на угледот на државата, во време кога целиот свет сочувствува со нив и протестира за нивните елементарни права, во 21 век.
На секоја од гореспоменатите теми, но и на други теми за вашето досегашно владеење има уште многу што да се додаде, но во интерес на должината на писмото ќе се ограничам. Ваше и на вашите партнери е дали од писмото ќе извлечете некоја поука, ќе имате некаква реакција или како што ме учи моето долгогодишно искуство, ќе го премолчите и продолжите по старо. Поволната актуелна политичка ситуација за Вас во која немате реална конкуренција, односно опозиција во државата, само ве опива да продолжите по патот по кој сте тргнале.
Во секој случај, да резимирам – Македонија продолжува да тоне. Тоа сакале ние или не го потврди и последниот извештај на ЕУ. Иако граѓаните пред две години влегоа со големи очекувања за вас, сепак заклучокот кој се наметнува од досегашното ваше владеење е дека всушност тоа е КОНТИНУИТЕТ на владеењето на вашите претходници, само сега со други ликови и стил во партиско – коруптивниот систем кој владее во државата. Тоа Македонија не го избра. Уште помалку, тоа го заслужува“, пишува во отвореното писмо на Еленовски.