И на кучето му го сменија идентитетот


 Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), преку пишано соопштение до медиумите демантираше дека изјавиле оти вчера заловеното животно во скопската населба Козле е чипиран домашен миленик – куче, кое сопственикот бара да му биде вратено, а не волк како што се претпоставуваше.  Најавија дека во текот на денот ќе спроведат вонреден инспекциски надзор во Зоолошката градина во Скопје со цел да се утврдат видот и здравствениот статус на животното. Дилемата е – колку време им треба на институциите во државава за да утврдат нешто толку елементарно?
 
Демантот,пак, стигна откако многумина преку социјалните мрежи почнаа да се шегуваат и  да се чудат на објавата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски дека е заловен волк, како и на тие што објавуваа како да врзале, го успале и ги спасиле Скопјани од животното што, како што испадна, со денови шетало низ градот – и јадело грицки од рака.  Најсмешна сепак беше објавата на еден граѓанин дека сиротиот волк има иста судбина како и државата – т.е. не му го признаваат и му го менуваат идентитетот, како што и прави Бугарија на Македонија.  
 
„ Ќе те грабнат, ќе ти сменат и име и идентитет и ќе тврдат дека си нешто друго, а не тоа што се декларираш. Ќе те пикнат во заробеништво и ќе тврдат дека те спасиле (како кравите што ги спасија од талкање па ги оставија да изумираат од Крива Паланка н.з.) и дека таму ти е подобро. Ах, бе куче жално, што ти требаше тука да дојдеш, идентитетот ти го сменија и со глутница волци се ставија, тврдејќи дека си за таму, а не за во дом“, напиша граѓанин на социјалните мрежи. 
 
Волк ли е, куче ли е, е тема за забава цел ден,  при што голем број граѓани постираа  дека станува збор за посебна раса куче „чешки куче волк“ која ја има во Македонија одамна, па и дека такво едно се прославило на последната олимпијада кога истрча заедно со скијачите на стазата за слалом, а сите го фотографираа место да го врзуваат за столбови како кај нас.  Еве некои од коментарите:
 
„Не разликуваат куче од волк!. Научете ги прво расите на животни па пишувајте. Ако е чипирано и избегало, вратете го на сопственикот. Абе, за вас само корона, да си седите дома на безбедно.“
 
Ова ако е волк, тогаш  кај мене у населба шетаат 5 – 6 волка, само не сум слушнал уште дека некој е нападнат 🤣
 
„Ова е како  рекламата на Телеком БЕЗ АМА И БЕЗ ДРАМА“
 
„ Ова е чехословачки волчјак. Да се врати на газдите. Ќе убиете едно прекрасно животно ако го ставите со волците. Ова не е волк, ниту ќе го прифатат, ќе го решат првиот ден! Не сте го спасиле во ЗОО сигурно, ќе му го завршите животот“.
 
Ако не знае да лае, сигурно е волк“, советува граѓанин како да се реши големата мистерија. 
 
Ќе биде цуркус кога ќе се утврди дека е куче! Тогаш може и ќе го еутаназираат за да го редуцираат срамот!“
 
„Кој волк ќе јаде од рака и ќе стои мирно вие фотосесија да му правите. Каков црн волк, алоооо, куче е.“
 
„Тешко на животинчето“.
 
„Јас од што верувам какви поединци има би проверил во подрум и Црвенкапа да не ја чува таму“.
 
Не е волк туку куче мешавина. Мирни се и не се опасни. Него го заловија, а овие што напаѓаат, си шетаат слободно низ градот. Така како волкот и кучињата да ги заловите не е лошо“.
 
„Браво Орце. Конечно успеја да фатиш волк меѓу милион џукели на улица“.
 
„ Сепак, да не е мечка!„