,Секој ден очекувам да ми кажат да си одам од работното место“ – вели младиот Арсовски со напишани 46 труда на кој му ја поништија дипломата
Министерството за образование и наука започна постапка за поништување дипломи на Филозофскиот факултет при УКИМ и на Славјанскиот универзитет, по утврдени неправилности во запишувањето студенти на втор и трет циклус студии. Меѓу засегнатите е ѝ Денис Арсовски, магистер по специјална едукација и рехабилитација, кој за Телма во телефонски разговор објаснува дека целиот процес на неговото школување бил спроведен со знаење и одобрение на сите надлежни институциите.
Арсовски дипломирал како физиотерапевт на Високата медицинска школа во Битола, со 180 кредити, по што завршил и специјализација по рехабилитација во ортопедија, хирургија и травматологија, што му донело дополнителни 60 кредити.
„Според Законот за високо образование, член 137 став 11, вкупниот број кредити на прв и втор циклус стручни студии е 240 кредити. Во додатокот на мојата диплома пишува дека, согласно актите на универзитетот, можам да се запишам на академски студии од втор циклус. Пред да аплицирам, прашав и преку имејл дали смеам да се запишам и ми одговорија дека со задоволство можам. Администрацијата ми дозволи да конкурирам, поминав низ прелиминарни и конечни листи. Во одлуките стоеше ‘Денис Арсовски – физиотерапевт’. Ништо не сум криел. Сите документи уредно ги поднесував и ми беа одобрени“, вели Арсовски за Телма.
Откако младиот Арсовски успешно ги завршил магистерските студии на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет, потоа аплицирал и бил примен на докторски студии на истоимениот факултет без никакви пречки.
„Во 2021 година работев на мојата магистерска теза за мултиплекс склероза со 700 испитаници под менторство на проф. д-р Владимир Трајковски. Магистрирав, и на моите претходни 240 кредити со стекнатите 60 од магистерските стигнав до 300 кредити. Подоцна ми одобрија и докторски студии во 2024 година. Повторно ги приложив сите дипломи – физиотерапевт, специјалист и магистер“, вели Арсовски.
Во првите два семестари од докторските студии Арсовски напорно работел и пишувал научни трудови, за да денес стигне до бројката 46. Најголем дел од трудовите се објавени во EBSCO, Scopus, а изработувал и бил во процес на многу научни трудови заедно со неговата менторка кои треба да излезат следниот период. Сепак проблемот со кој денес се соочува заедно со уште неколку студенти во иста ситуација започнал да се актуелизира во октомври минатата година.
„Во третиот семестар од докторските, деканот го отвори прашањето дека членот бил повреден и дека мојата магистерска ‘не важи’. Побарав мислење од Министерството и од Државниот просветен инспекторат. Прво добив одговор дека нема повреда на закон и дека тоа е автономија на универзитетот. По неколку недели стигна ново решение дека сме несоодветни и дека дипломите се поништуваат“, вели тој.
Арсовски смета дека најголемиот проблем е што институциите со години му дозволувале да студира, а сега ретроактивно ги поништуваат стекнатите квалификации.
„Најмногу ме боли што во 2019 година никој не ми кажа дека не смеам да се запишам. Сега, по години студирање, истражување и работа, сè ми се поништува. Не е проблемот во парите, туку во изгубениот труд и време. Со оваа диплома се вработив, истражував и стекнав наставно звање предавач. Сега секој ден очекувам да ми кажат да си одам. Моето здравје е сериозно нарушено од стресот“, вели тој.
Откако излегоа информациите дека се поништуваат дипломи, дел од јавноста коментираше дека можно е ова да е направено од страна на деца со родители на функционерски позиции. Арсовски ова го отфрли и рече дека доаѓа од скромно семејство, а за неговите досегашни достигнувања се борел сам со скромните средства кои ги заработувал, но и трудовите кои ги пишувал деноноќно.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска претходно изјави дека МОН постапува согласно законските одредби и дека случаите се доставени до Јавното обвинителство. Според наодите од вонредниот инспекциски надзор, на Филозофскиот факултет уште од 2019 година дозволено било да се запишуваат студенти од тригодишни стручни студии, за кои сега се тврди дека не биле законски.